Од борба за највисок пласман и освојување медали до проаѓање на првата фаза. Вака изгледаат амбициите на ракометните репрезентации на државите од регионот на Балканот за 28 Светско ракометно првенство кое се игра во Полска и Шведска. Репрезентацијата на Црна Гора во рамките на групата А вчера со пораз дебитираше против Шпанија, додека Словенија во групата Б ја совлада Саудиска Арабија.
Денеска деби на светското првенство ќе имаат Северна Македонија, Србија и Хрватска. Северна Македонија во рамки на групата Ф ќе игра против Норвешка, Србија во групата Е ќе се сретне со Алжир, а противник на Хрватска во групата Г ќе и биде Египет.
Во продолжение накусо потсетуваме на најголемите успеси на досегашните светски првенства на репрезентациите од регионот учеснички и на ова СП.
Хрватска со најмногу медали
Најголемите успеси во машкиот ракомет по распадот на поранешната СФРЈ се врзуваат за Хрватска. Како за настапите на европските првенства и олимпијадите така и за светските првенства.
Првиот настап Хрватска на Светско ракометно првенство го имала во 1995 година во Исланд. Уште на ова првенство Хрватска освои сребрен медал. Хрватска има уште две сребра од 2005 и 2009 година. Оваа репрезентација има и еден бронзен меда од 2013 година, а Хрватите беа светски шампиони во 2003.
Шесто учество за македонската репрезентација
Македонската репрезентација по шести пат ќе учествува на светско ракометно првенство. За првпат учествуваше во 1999 година. Најдобриот пласман го има на СП во Катар во 2009 година на деветтото место. Останатите пласмани на македонската ракометна репрезентација на СП се од 11 до 18 место.
Србија со најдобар пласман во 2009 година
Србија од 2006 година, од кога самостојно настапува оваа репрезентација, има четири учества на СП. Најдобриот пласман на српската репрезентација е во 2009 година кога беа пласирани на осмото место. Во 2011 и 2013 година беа десетти, а во 2019 осумнаесетти.
Претходно во склоп на СР Југославија, Србија и Црна Гора имаат два бронзени медали во 1999 и 2001 година. Како државна заедница Србија и Црна Гора имаат едно осмо и едно петто место.
Црна Гора втор пат со пласман на СП
По осамостојувањето во 2006 година Црна Гора има само едно учество на светски првенства во 2013 година. Тогаш се пласирала на 22 место. Претходни наведените пласмани во склоп на СР Југославија и Србија и Црна Гора се однесуваат и на оваа репрезентација.
Словенечката репрезентација со една бронза
Словенија по осми пат ќе учествува на светско ракометно првенство. За првпат тоа било случај во 1995 година кога се пласирала на 18 место. Најголемиот успех Словенците го имаат од 2017 година кога го освоија бронзениот медал. Во борбата за третото место ја совладаа Хрватска. Словенците имаат и едно четврто и едно осмо место на светските првенства.