Американката Џесика Пегула и Белорусинката Арина Сабаленка ќе играат во финалето на последниот Грен слем турнир во сезоната, УС Опен во Њујорк.
Воодушевувањето на домашните навивачи следеше по полуфиналната победа на шестата носителка Пегула против Чехинката Каролина Мучова со 1:6, 6:4, 6:2.
На претходната средба, втората тенисерка во светот Белорусинката Сабаленка ја совлада младата американска сензација Ема Наваро со 6:3, 7:6 (2).
За триесетгодишната Пегула ова е прво Грен слем финале во кариерата. Американката го загуби првиот сет со 1:6, а во вториот заостануваше со 0:2 и 30:40, но потоа направи пресврт и по два часа и 12 минути стигна до најголемата победа во кариерата.
Нејзините браќа и сестри и нејзиниот татко, 73-годишниот милијардер Теренс Пегула, гласно навиваа за неа на трибините. Таткото, кој ги заработил своите милијарди во нафта и гас, е еден од 400-те најбогати луѓе во светот според Форбс и поседува голема спортска империја, вклучувајќи ги НФЛ Бафало Билс и НХЛ Бафало Сејбрс.
Сабаленка, пак, по четврти пат стигна до финалето на Грен слем турнирите, а досега двапати го освои Австралија опен. Ова е втор пат по ред да се најде во финалето на УС Опен каде лани загуби од локалната тенисерка Коко Гауф.
Титулата во мешани двојки ја освоија Италијаните Сара Ерани и Андреа Вавасори, кои во финалето ја победија локалната комбинација Тејлор Таунсенд и Доналд Јанг со 7:6(0), 7:5.