Селекторското место Саутгејт го напушта по 102 натпревари на клупата / Photo: Reuters

Англискиот селектор Герет Сатугејт и официјално се повлече од функцијата откако не успеа на Островот да го донесе европскиот трофеј.

На Европското првенство Англија стигна до финалето во кое Шпанија беше подобра со 2:1. Иако играа финале Англичаните преку целиот турнир добиваа критики за начинот на кој играат и подобар впечаток оставија само против Холандија во полуфиналето.

Во последните денови медиумите шпекулираа дека освојувачот на два последователни европски сребрени медали може да се повлече и покрај тоа што Федерацијата беше подготвена да му понуди договор до СП 2026 година.

„Како горд Англичанец, ми беше животна чест да играм и да ја предводам Англија како селектор. Ми значеше премногу, дадов сè што имав. Сепак, време е за промена, ново поглавје. Неделниот меч во Берлин против Шпанија беше мој последен како селектор на Англија“, објави поранешниот селектор преку соопштение за медиумите.

Покрај двете финалиња на еврото, Англичаните под водство на Саутгејт играа и полуфинале на Светското првенство во Русија 2018 каде загубија од Хрватска и четвртфинале на последното Светско првенство во Катар.

И покрај финалето во Германија, англиската репрезентација поради стилот на игра доби бројни критики од стручњаци и навивачи, а по ремито со Словенија (0:0), дел од навивачите отидоа дотаму што фрлаа пластични чаши кон Саутгејт.

Селекторското место Саутгејт го напушта по 102 натпревари на клупата и само Сер Волтер Винтерботом (139) и Сер Алф Ремзи (113) имаат повеќе.

Пред да дојде на селекторската функција, Англија никогаш не играла финале на Европско првенство.

Селектор на Англија беше од 2016 година, претходно ја водеше и селекцијата на Англија до 21 години, додека во клупската кариера го водеше уште Миделсброу.

TRT Balkan / агенции
Популарни