Синер е победник на Австралија опен

Јаник Синер е победник на Австралија Опен. Со победата со 3:6, 3:6, 6:4, 6:4, 6:3 во финалето против Даниил Медведев, четвртиот играч во светот ја освои својата прва грен слем титула.

Синер стана првиот Италијанец кој освоил титула на еден од четирите најголеми турнири по Адријано Паната, кој го освои Ролан Гарос во 1976 година.

Русинот, пак, го претрпе петтиот пораз во финалето на некој Грен слем, а третиот во Мелбурн.

Синер во мечот влезе како фаворит со оглед на тоа што на теренот мина речиси шест часа помалку од Медведев, кој играше два меча во пет сета. Како одминуваше натпреварот, се гледаше разликата во потрошувачката на енергија кај двајцата играчи, што на крајот беше пресудно.

Во првиот сет, Медведев стигна до брејк веќе во третиот гем, кој го одржа до крајот кога го оствари вториот брејк и го зеде сетот со 6:3. Пресуди слабиот прв сервис на Италијанецот кој имаше 54% успешност, додека на вториот сервис освои само 4/13 поени.

Во вториот сет Медведев дополнително го подигна нивото на играта, постојано вршејќи притисок на противничкиот сервис, што му овозможи шест брејк топки, од кои две искористи. Синер успеа да врати еден брејк предност, но тоа не беше доволно за да се врати во сетот.

Третиот сет ја донесе вистинската битка која се очекуваше од стартот на натпреварот. Синер почна да сервира многу подобро и веднаш стана поконкурентен. Првата брејк топка, а воедно и сет топката беше доволна за враќање во мечот. По одличен сервис и резултат 5:4, тој успеа да дојде до неколку квалитетни поени на сервис на противникот и беше награден со сет.

Пред почетокот на четвртиот сет Медведев имаше проблеми со десното стапало кое беше видно отечено. Синер драстично ја подигна играта, како и интензитетот на ударите со кои го принудуваше противникот на подолги измени. Сетот заврши како и претходниот, со првата искористена брејк топка на сервис на Медведев.

Во решавачкиот сет Синер со брејк го разби Медведев и обезбеди водство од 4:2 кое не го испушти. Иако играта на Медведев не се промени премногу, се почувствува падот на енергијата на третиот играч на светот, што беше доволно за 22-годишникот од Сан Кандидо целосно да го сврти мечот и да стигне до својот прв Грен слем.

Ова е трет пораз за Медведев во финалето во Мелбурн, по 2021 и 2022 година кога исто така водеше со 2:0 во сетови, но загуби од Рафаел Надал.

TRT Balkan / агенции
Популарни