Германскиот тренер Томас Тухел (51) се согласи да биде селектор на Англија по забрзаните разговори со Фудбалската асоцијација (ФА) во вторникот, јавуваат британските медиуми.
Тухел ќе биде трет странски менаџер на машката екипа на Англија и прв од Германија.
ФА го имаше Тухел во потесниот избор за наоѓање постојан наследник на Герет Саутгејт од почетокот на процесот, листа на која меѓу другите беа и Пеп Гвардиола од Манчестер Сити и привремениот менаџер Ли Карсли.
Асоцијацита, сепак, се фокусираше на Тухел, кој го предводеше Челзи до титулата во Лигата на шампионите во 2021 година. Германецот е без работа откако го напушти Баерн Минхен во мај годинава.
Тухел, кој се очекува да им се обрати на медиумите на Вембли во среда, ги следи Швеѓанецот Свен-Горан Ериксон и Италијанецот Фабио Капело како трет странец на клупата на „Гордиот албион“.
Германецот на функцијата ќе го наследи Ли Карсли, кој е вршител на должноста селектор на Англија, но сепак ќе ги одработи и последните два натпревара од Лигата на нации, против Грција и Чешка во ноември.
Тухел ќе ја преземе функцијата од нова година и ќе ја води Англија во квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Карсли во првите четири натпревари забележа три победи и еден пораз против Грција на Вембли, но тој јавно кажа дека репрезентативците на Англија се премногу добри за да ги тренира тренер како него.
Со Челзи, Тухел ја освои Лигата на шампионите, Светското клупско првенство и Суперкупот на Европа во 2021 година, со Пари Сен Жермен двапати ја освои француската лига (2019, 2020 година), додека со Баерн Минхен ја освои Бундеслигата во 2023 година.