Вориорс се шампиони на НБА     Фото: Ројтерс

Голден Стејт Вориорс е нов шампион на НБА, а ова е четврт „прстен“ во последните осум години за франшизата од Сан Франциско, од кои шест пати играа во финалето. Победата во големото НБА финале му донесе и МВП титула на Стеф Кари, главниот предводник на Вориорс и најверојатно еден од најдобрите шутери за „тројка“ во историјата.

Вориорс до титулата стигнаа по шест натпревари против Бостон Селтикс, а клучната четврта победа ја постигнаа на гостински терен во „ТД Гарден“. Младиот и полетен тим на ѕвезди на Име Удока немаше доволно искуство, сила, знаење и вештини да им се спротивстави на проверените шампиони.

Се може и без Дурент

НБА во последните десетина години се потпира на наративите околу кошаркарите супер-ѕвезди. Кралот Џејмс има најверојатно уште некоја година пред пензија, па во потрага по новото лице на најмоќната кошаркарска лига во светот, медиумите и лигата форсираа неколку можни наследници.

Вориорс до шампионската титула ги предводеше феноменалниот Кари      Фото:  Reuters

„За наративот што постојано го слушате за нас, особено оваа сезона, а доаѓа од пред две години дека сме готови, дека сме престари, кога буквално го имавме најлошиот рекорд во лигата, кога имавме многу повреди, а потоа знаете дека се боревме со сите сили да се издигнеме. Дефинитивно го имаме тој победнички менталитет, благодарение на нашата верба дека можеме, дека имаме шампионска ДНК“, изјави Кари на прес конференцијата по победата.

Кевин Дурент оваа година беше елиминиран уште во првата плеј-оф рунда и тоа со „метла“. Дрим-тимот на Бруклин Нетс беше збришан во четири натпревари од минатогодишниот шампион Милвоки Бакс, и ѕвездата во подем доминантниот Јанис Антетекунмпо.

Тоа уште повеќе го засилува наследството на Стеф Кари, четирикратен шампион, изедначен во титули со Леброн, од кои дури две освои без помош на некогашниот соиграч Дурент.

За првпат шутерот Кари е прогласен за најкорисен играч во финалето (МВП), бидејќи речиси целиот товар беше на негов грб, постигнувајќи во просек над 30 поени по натпревар, со прецизност од околу 50% на шут од поле.

Келтите без среќна детелина

Младите надежни ѕвезди Џејсон Тејтум, Џејлен Браун и Маркус Смарт ќе имаат за што да жалат во оваа финална серија, која ја започна со „брејк“, и имаа водство од 2:1 во натпревари, пред да загубат во четвртиот натпревар пред домашната публика.

Поразениот тим на Бостон Селтикс     Фото:  AP

До крајот на серијата не успеаја ниту еднаш да го возвратат ударот, а нивната одбрана колабираше пред налетот на Кари, Томпсон, Вигинс, Пул, и останатите „воини“. Но, овој тим е доста млад, речиси сите главни ѕвезди кои се јадрото на Селтикс се под 25 години.

Финалниот резултат гласеше 103:90 во полза на Вориорс, а кај победниците Кари постигна 34 поени, а имаше поддршка од Вигинс со 18 поени, Пул со 15, а по 12 додадоа Томпсон и Грин. Кај поразените потфрли првата опција Тејтум со само 13 поени, па така залудни беа 34 поени на Браун и 19 поени на Хорфорд.

TRT Balkan / агенции
Популарни