Турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар ги негираше наводите дека турските војници доцна реагирале во помошта на оние кои беа заглавени под урнатините по двата разорни земјотреси кои го потресоа југот на Туркије на 6 февруари.
„Овие пристрасни тврдења кои не ја одразуваат вистината не можат добронамерно да се објаснат. Елементите на Министерството за национална одбрана и Вооружените сили на Туркије се мобилизираа од првиот момент со војниците, цивилите, работниците и техничкиот персонал и побрзаа до оние на кои им беше потребна помош“, рече Акар во јужната провинција Хатај.
Како што рече, првиот земјотрес, чиј епицентар бил во округот Пазарџик во провинцијата Кахраманмараш, се случил во 4.17 часот по локално време.
„Оперативните центри на генералштабот, на копнените, поморските сили и воздухопловството, како и Министерството за национална одбрана го направија она што требаше брзо да се направи и побараа извештаи од трупите во 4.30 часот“, истакна Акар.
Истовремено, наредено е да се спреми и командата на бригадата за хуманитарна помош при Вооружените сили на Туркије.
„Во 05 часот е основан Кризен центар за вонредни ситуации во рамките на Министерството за одбрана на Туркије. Истовремено со работа почнаа кризните центри во Главниот штаб и командите“, рече Акар.
Најмалку 41.200 луѓе загинаа во два силни земјотреси кои го потресоа југот на Туркије на 6 февруари, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи (АФАД).
Повеќе од 13 милиони луѓе се погодени од разорни земјотреси во Туркије.
Земјотресите го потресоа целиот регион, а во соседна Сирија загинаа повеќе од 3.600 лица, додека повеќе од 14.000 лица се повредени.