Алтун рече дека турското раководство минатата недела ја претстави визијата под наслов „Векот на Туркије“ и дека тоа воедно ќе биде и век на комуникациите.     Фото: АА

Шефот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун изјави дека борбата против дезинформациите во текот на катастрофите е од витално значење бидејќи во такви ситуации може да се злоупотребат сензибилитетот и емотивната чувствителност на луѓето.

Управата за управување со катастрофи и вонредни ситуации на Туркије (АФАД) во Анкара организираше работилница на тема „Комуникацијата при катастрофи“, а на учесниците им се обрати Алтун, кој укажа на важноста на таа тема и додаде дека Туркије придава голема важност воопшто во поглед на прашањето на комуникациите.

Алтун рече дека турското раководство минатата недела ја претстави визијата под наслов „Векот на Туркије“ и дека тоа воедно ќе биде и век на комуникациите.

„Нашата држава ги мобилизираше сите свои ресурси по секоја катастрофа. Од друга страна, заедно видовме колку е важно транспарентното информирање на јавноста и борбата против дезинформациите во текот на процесот на катастрофите“, рече Алтун.

Тој рече дека Туркије заговара информирање на јавноста на прецизен, брз, веродостоен и транспарентен начин и дека спроведе и релевантни студии за да им се спротивстави на дезинформациите.

„Во процесите на управување со катастрофи, исто така можат да постојат ситуации во кои чувствителноста на луѓето во врска со настанот може да се злоупотреби и може да дојде до загадување на информациите. За жал, системските и организираните дезинформации, манипулации и кампањи на клеветење можат да се зголемат во време на катастрофи“, додаде Алтун.

Тој истакна дека Туркије била сведок на бескрупулозни луѓе кои се обидуваат да ја претворат болката на луѓето во политички материјал со нереални илузии во секоја катастрофа.

„Сите видовме дека нашите јавни институции и организации секојпат се обидуваат да ги отстранат последиците од катастрофите, а некои кругови се обидуваат да ги затрујат процесите со дезинформациите и лаги“, истакна Алтун.

TRT Balkan / агенции
Популарни