Ноќта на 15 јули 2016 година беше извршен предавнички обид за државен удар со цел да се собори демократски избраната турска влада. Обидот за државен удар што го изврши терористичката организација Фетулаџи започна со затворање мостови во Истанбул и носење тенкови на улиците, изјави шефот на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Туркије, Фахретин Алтун.
Денеска е осма годишнина од неуспешниот обид за пуч во Турција, кога членови на терористичката организација ФЕТО се инфилтрираа во државните институции и се обидоа да ја соборат демократски избраната влада во земјата.
„Беа бомбардирани многу државни институции и организации, вклучувајќи го Големото национално собрание на Република Туркије, Претседателската палата и полицискиот штаб во Анкара. Не долго по нападот, беше јасно дека не се работи за немил настан, туку за координиран напад. Тимовите на пучистите на ФЕТО ги изведоа нападите за да го убијат нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган. На повик на нашиот претседател, кој беше емитуван на националната телевизија, нашиот народ излезе на улиците да ја брани својата демократија. Милиони наши граѓани цела ноќ се бореа против терористичката организација која беше одговорна за обидот за пуч“, потсети Алтун.
Тој изјави дека утрото на 16 јули, благодарение на напорите на турските вооружени сили, Генералниот директорат на полицијата на Република Туркије и турскиот народ кој застана да ја брани својата демократија, беше осуетен предавничкиот обид за државен удар и пучистите беа приведени.
„За време на обидот за државен удар загинаа 253 лица, и војници и цивили, додека 2.740 беа ранети. Херои како маченикот Омер Халисдемир, кој ноќта на 15 јули се бореше со сето свое битие за да ја заштити командата на специјалните сили и да го неутрализира генералот кој беше еден од креаторите на пучот, станаа бариера против пучистите. Нашите граѓани, ризикувајќи ги своите животи, успеаја да ги неутрализираат пучистите кои на блокираниот Босфор се обидоа да ги убијат. Ова е еден од историските моменти коге е на тест единството и одлучноста на нашиот народ“, рече Алтун.
Според него, од првите моменти на обидот за пуч, турската влада презела мерки за воспоставување ред и изведба на сторителите пред лицето на правдата.
„Во изјавите на нашиот претседател и државни функционери за време на овој процес, беше откриено дека обидот за државен удар го извршила илегална група која се инфилтрирала во турските вооружени сили. Стана јасно дека ФЕТО стои зад обидот за пуч. Откриено е дека лидерот на организацијата со престој во САД- со својата паралелна структура во државата го изврши овој предавнички чин. Победата што беше извојувана е еден од најчесните отпори не само во историјата на демократијата во Туркије, туку и во целиот свет“, рече Алтун.
Тој нагласи дека Туркије, која денеска ја продолжува својата борба, очекува солидарност од пријателските и сојузничките земји, особено во однос на екстрадицијата на бегалците и лидерите на ФЕТО кои побегнаа во странство.
„Иако многу земји од меѓународната заедница покажаа поддршка и солидарност со Туркије, реакцијата на некои од нашите сојузници на обидот за државен удар беше несоодветна. Начинот на кој беше покриен обидот за пуч во медиумите на споменатите земји беше далеку од тоа да ја задоволи Туркије. Меѓународно одговорните западни медиумски организации се обидоа да го поедностават она што се случи ноќта на 15 јули. Тие го претставија крвавиот обид за пуч насочен кон нашата земја како „конфликт меѓу две страни“. Немаше позитивен одговор по ова прашање од САД, кои се и наш сојузник. Не растажи ваквиот став, наспроти постоење на заканата кон нашата демократија, истакна Алтун.
Тој нагласи дека се „свесни дека ФЕТО продолжува да дејствува во различни области, вклучително и нашите сојузнички земји“.
„Ќе продолжиме да се бориме на сите фронтови против оваа терористичка организација, која ја загрозува безбедноста не само на Туркије, туку и на сите земји во чии граници таа постои. Како земја која дополнително ги зајакна своите демократски институции по предавничкиот обид за пуч, нашата борба против терористичката организација која ги загрозува животите на нашите граѓани и независноста на нашата земја ќе продолжи на сите полиња“, рече Алтун.
Терористичката организација ФЕТО
Терористичката организација Фетулаџи (ФЕТО) е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година, а станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а чија екстрадиција Туркије официјално побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење испити, со што се инфилтрираа во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во судството на Турција се обидоа да гонат бројни високи функционери со монтиран судски процес за наводна корупција.
Неколку години подоцна следеше крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за државен удар извршен од офицери кои ФЕТО ги инфилтрирала во турската армија.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која претставува опасност не само за Туркије, туку и за секоја друга земја каде што е активна. Ова во неколку наврати го истакнуваа турските власти. За време на обидот за државен удар во Туркије, загинаа 253 лица, а повеќе од 2.730 луѓе беа повредени.