Туркије ќе одржува близок контакт и со Украина и со Русија за да се постигне мир во регионот, изјави директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун.
„Опсегот и содржината на договорот [за извоз на жито], потпишан во Истанбул, се јасни. Се разбира, од сите страни се очекува да преземат чекори за обезбедување целосна имплементација на договорот навремено. Како досега, Туркије ќе биде во близок контакт и со Украина и со Русија“, рече Алтун во интервју за шпанскиот весник „Ел мундо“.
Туркије, ОН, Русија и Украина минатата недела во Истанбул потпишаа договор за повторно отворање на трите украински пристаништа - Одеса, Черноморск и Јужни - за житото кое беше блокирано со месеци поради тековната војна на Русија во Украина, која трае веќе шест месеци.
Според договорот, Заедничкиот координативен центар во Истанбул се формира за да спроведува инспекции на влезовите и излезите на пристаништата и да ја осигура безбедноста на рутите.
„Туркије ќе го мобилизира своето влијание во регионот за да обезбеди мир и стабилност“, порача Алтун.
„Јас не мислам дека дипломатијата некогаш била лесна. Секако, уште потешко е да се прават дипломатски контакти во тек на војна. Државите имаат различни приоритети и перспективи. Важна работа беше да се најде заедничка основа за да се спречат кризите кои му се закануваат на целиот свет. Сепак, го цениме тоа што Украина и Русија како суверени земји ја поддржаа оваа иницијатива“, додаде тој.
Алтун, исто така, ја поздрави улогата на посредник на Туркије помеѓу Москва и Киев, велејќи дека ниту една земја од НАТО никогаш не успеала да посредува во таков историски договор помеѓу две земји.
„Успехот на Туркије е исто така забележан и од НАТО. Од почетокот на кризата ние се фокусиравме на прекин на огнот во регионот“, додаде тој.
Алтун рече дека Туркије е земја која може да разговара и со Русија и со Украина во текот на војната, додавајќи: „Затоа, очекуваме сите земји, особено нашите НАТО-сојузници, да ги поддржат нашите дипломатски напори.“