Турскиот народ повеќе не им верува на европските ветувања, по нивниот неуспех да ги исполнат своите обврски во врска со кандидатурата на Анкара за членство во ЕУ, кипарското прашање, борбата против тероризмот, нерегуларната миграција и многу повеќе, изјави директорот за комуникации на Претседателството на Туркије Фахретин Алтун.
„Овие ветувања не беа исполнети. Поради оваа причина, веќе не чекаме зборови, туку дела“, подвлече Алтун во интервју за шведскиот весник „Svenska Dagbladet“.
Тој го истакна фактот дека Туркије долго време е вознемирена од присуството на терористичките организации ПКК и ФЕТО во Шведска.
„Зеленото светло за влез на Шведска во НАТО значи дека ние сме посветени на заштита на шведскиот народ во случај на напад според член 5. Ако сакаме да преземеме таква одговорност за Шведска, треба да бидеме цврсто убедени дека турските граѓани не се нападнати со парите собрани во Шведска“, додаде тој.
Алтун нагласи и дека Туркије треба да се осигура дека шведско оружје нема да излезе од засолништата на терористите во Ирак или Сирија.
„Наш приоритет е да ги заштитиме нашите граѓани“
Според Алтун, по апликацијата на Шведска за членство во НАТО, стана очигледно колку е моќна терористичката организација ПКК во Шведска и како нејзините членови ја уценуваат шведската Влада.
„Прашањето за нас е дали членството на Шведска во НАТО ќе и наштети на борбата против тероризмот. Мораме да бидеме сигурни дека Шведска ги поддржува вредностите на Алијансата и безбедноста на нејзините потенцијални сојузници“, смета Алтун.
„Наш приоритет е да ги заштитиме нашите граѓани, како што им го кажавме тоа на шведските власти од почетокот“, нагласува тој во интервјуто за шведскиот весник.