По повод шестата годишнина од неуспешниот обид за државен удар во Туркије извршен од страна на терористичката организација ФЕТО ноќта на 15 јули 2016 година, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, рече дека главната цел на терористичката организација била да воспостави „радикален, фундаменталистички режим лојален само на нејзиниот водач Фетулах Ѓулен“.
Пучистите убија 251 невин цивил, а илјадници беа повредени. Таа ноќ турскиот народ со своите животи ја бранеше демократијата“, напиша Чавушоглу во авторскиот текст за дневниот грчки весник „Та неа“.
Чавушоглу нагласи дека издржливоста на турскиот народ во одбраната на демократијата таа ноќ била нешто што пучистите не успеале да го предвидат.
„Армиските единици поврзани со ФЕТО ги напуштија своите касарни за да ги окупираат клучните локации како што е Мостот „Босфор“ во Истанбул, а борбените авиони и хеликоптерите бомбардираа стратешки цели вклучувајќи го Парламентот, претседателскиот комплекс, седиштето на Армијата и полицијата“, рече тој, нагласувајќи дека ноќта пред шест години, илјадници Турци излегле на улиците „да го запрат овој невиден, грозоморен обид за државен удар“.
Заедно со нејзиниот водач Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, ФЕТО го организира неуспешниот државен удар на 15 јули 2016 година во Туркије, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 беа повредени.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
„Не постои „корисна“ терористичка организација“
Повикувајќи ја меѓународната заедница на солидарност со Туркије во борбата против тероризмот, Чавушоглу истакна дека „тероризмот нема националност, етничка припадност или религија“.
„Ова зло претставува закана за човештвото како целина. Затоа, одговорот на оваа закана мора да биде обединет и одлучен“, рече тој.
„Со оглед на тоа што терористите на ФЕТО се одговорни за загубата на стотици животи, како и за други тешки злосторства против турскиот народ... ниту една држава нема луксуз да прави разлика помеѓу терористите и ниту една терористичка организација не може да се класифицира како корисна“, нагласи тој.
Вистинските бои на терористичката организација ФЕТО
Во својот текст, Чавушоглу, исто така, ги објасни вистинските бои на терористичката организација ФЕТО, посочувајќи дека таа е основана во доцните 1960-ти години под маската на таканареченото „религиозно движење“ и „успеа да ги покрие своите зли намери под плаштот на промовирање на образованието и меѓурелигискиот дијалог“.
„Покрај тоа, со години, терористичката организација контролираше значителен дел од образовните институции во Туркије и имаше во сопственост голем број финансиски институции“, рече тој, додавајќи дека нивните банкарски сметки биле полнети од истакнати членови на ФЕТО во индустријата и трговијата, како и од функционери и јавни личности.
Осврнувајќи се на тоа колкумина паднале во стапицата на ФЕТО, Чавушоглу рече дека „многу невини цивили, исто така, беа намамени да придонесат за финансиите на ФЕТО со манипулации со нивната побожност“.
„Огромниот профит што терористичката организација го собра преку своите образовни институции и во Туркије и низ светот беше канализиран на овие сметки тајно, чекајќи го нејзиниот конечен потег, односно, обидот за државен удар“, истакнува тој.
Чавушоглу потенцира дека обидот за државен удар последната фаза од „сеопфатниот план“ на терористичката организација ФЕТО, која со децении тајно се инфилтрира во Турската армија, органите на редот, судството и бројни владини институции, вклучително и во Министерството за надворешни работи.
Демократијата немаше да постои во Туркије
Чавушоглу рече дека доколку терористичката организација ФЕТО некогаш успееше во обидот да ја собори легитимната Влада на Туркије, демократијата немаше да постои и основните права и слободи ќе беа суспендирани на неодредено време.
„Нацијата ќе паднеше во рацете на екстремистичка влада“, предупреди тој.
Благодарение на стотиците луѓе кои ја заштитија турската демократија по цена на нивните животи, по обидот за државен удар, турската држава ги исчисти владините институции и војската, како и приватниот сектор од поединци и фирми поврзани со ФЕТО.
„Додека многу истакнати заговорници за државен удар беа уапсени, други ја избегнаа правдата и најдоа засолниште во странски земји“, рече Чавушоглу.
Истакнувајќи дека турската Влада бара екстрадиција на водачот на ФЕТО, Ѓулен од САД, каде што тој моментално престојува, како и екстрадиција на други членови на ФЕТО од европските земји, Чавушоглу рече дека, за жал, овие барања сѐ уште не биле исполнети.
Сепак, тој нагласи дека „сѐ поголем број влади ја разбираат опасноста што оваа терористичка организација, исто така, ја претставува за нив и ги преземаат неопходните чекори“.
„Не само во Туркије, туку и во многу други земји, членовите на ФЕТО се чистат од јавниот и приватниот сектор, а многу училишта во странство поврзани со терористичката организација се префрлени на Турската фондација „Маариф““, додаде тој.
„Природата и опсегот на борбата на Туркије против ФЕТО не се разликува од онаа што ја спроведуваат другите земји против организациите кои подеднакво ги тероризираа службениците и цивилите и ги загрозија демократските вредности и основните права и слободи“, напиша Чавушоглу.
Истакнувајќи дека сите процедури кои се користат во борбата против терористичката организација ФЕТО се „во согласност со законот“, Чавушоглу ја истакна решителноста на Туркије во борбата против ФЕТО.