Над 10 милиони долари во криптовалути се донирани од страна на компаниите      Фото: ТРТ Ворлд / Photo: TRT World

По катастрофата предизвикана од земјотресите во Туркије и Сирија претставници на крипто индустријата наоѓаат начини како да донираат средства за помош за настраданите. Веќе над 10 милиони долари во криптовалути се донирани од страна на компаниите.

Земјотресите кои ја погодија Туркије со јачина од 7.7 и 7.6 степени на 6 февруари предизвикаа над 41.000 жртви во земјата и соседна Сирија.

Еден од најголемите донатори Чанпенг Жао извршен директор на Бајненс откри дека преку најголемата светска берза за криптовалути ќе им префрли токени вредни 100 долари на сите корисници во единаесетте провинции погодени од земјотресите со приложена адреса на живеење. Вкупната донација се проценува дека ќе изнесува 5 милиони американски долари.

Берзата преку хуманитарните активности лансираше и посебна адреса за јавни донации која ќе прима средства во различни криптовалути како биткоин кеш, биткоин, бајнанс долар и рипл. 100% од средствата кои ќе бидат собрани ќе се пренаменат во обезбедување медицинска опрема, засолниште, храна и ќебиња.

Претходно, Виталик Бутерин соосновачот на Етереум направи значителен придонес, вклучувајќи ја и последната донација на 12 февруари на сметка на „Анка Помош“ специјален крипто фонд за поддршка на настраданите од земјотресот.

Исто така донираше и етереум во вредност од 150.000 долари за невладина организација за хуманитарни цели.

Покрај најголемата хуманитарна акција под надзор на Управата за справување со кризи на Туркије - АФАД, многу невладини и граѓански организации побрзаа да им помогнат на настраданите, организирајќи достава на хуманитарна помош.

Покрај претходно донираната финансиска помош во вредност од 318.000 долари, турската крипто берза „БТЦ Турк“ испрати помош за облека во вредност од 62.000 долари во координација со локалните власти. Турската филијала на „БајБит“ и „ОКХ“ се обврзаа да испратат помош од 100.000, односно 53.000 долари.

Фондацијата Лавина, предводена од Американецот со турско потекло Емин Гун Сирер, донираше 1 милион долари.

Други меѓународни компании како „Битфајнекс“, „Кит“, „Синоним“ и „Тетер“ ветија 270.000 долари во напорите за надминување на катастрофата. Крипто берзата „Битгет“ истакна дека ќе испрати 50.000 долари, а берзата „Гејт“ започна да подготвува пакети за помош и да ги доставува во координација со турските власти.

Крипто-заедниците ширум светот генерално брзо реагираат на хуманитарни кризи, при што милиони долари во донации се слеваа во Украина по рускиот напад минатата година, и за справување со „Ковид-19“ кризата кога Индија ја зафати најсмртоносниот бран во 2021 година.

TRT World
Популарни