Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, вчера повторно ја повтори својата посветеност кон работата за просперитетна и силна Туркије.
„Ќе го исполниме ветувањето кон нашата нација на тој начин што ќе изградиме просперитетна, угледна, силна и мирољубива Туркије од секој аспект во текот на периодот од нашето претседавање“, рече Ердоган на настанот по повод 22-годишнината од основањето на Партијата за правда и развој (АК партија).
Основана на 14 август 2001 година, партијата се појави на политичката сцена под водство на Ердоган, кој стана премиер во 2003 година, а од 2014 е претседател на Република Туркије.
„Под мотото ‘Ништо повеќе нема да биде исто’, зад себе оставаме уште една пресвртница на благословениот пат што го започнавме пред 22 години“, рече Ердоган.
Нагласи дека партијата, без дискриминација ги прифаќа сите 85 милиони граѓани на Туркије.
„За 100-годишнината на Република Туркије, на нашата земја ѝ доликуваат само првокласна демократија, економија и првокласна иднина“, рече Ердоган.
По изборите спроведени во мај, АК партија се појави како главна партија во Парламентот, освојувајќи 268 пратенички места.
Осврнувајќи се на претстојните локални избори во 2024 година, закажани за март, Ердоган рече дека нацијата ќе ја штити иднината на ист начин како што тоа го стори на изборите во мај.