Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, по повод 23 Април, Денот на националниот суверенитет и на детето, денес ги прими во својата канцеларија во Долмабахче децата од регионите погодени од земјотресот, кои школувањето го продолжија во Истанбул.
Со различни манифестации денес во Туркије се одбележува националниот празник Ден на националниот суверенитет и на детето, а воедно и 103-годишнината од основањето на Големото народно собрание на Република Туркије.
Делегацијата на децата ја предводеше министерот за образование, Махмут Озер.
Ердоган им го честиташе празникот на децата и им посака добредојде, по што децата ги зазедоа местата на кои седат членовите на Ердогановиот кабинет.
Ердоган потоа симболично му ја препушти претседателската фотелја на ученикот од петто одделение, Акиф Учар, кој во Истанбул пристигна од Хатај, еден од најтешко погодените градови од разорните земјотреси.
Ердоган обраќајќи им се на учениците, меѓу другото, рече дека веќе 21 година деноноќно работат за да ги остварат целите зацртани со планот „Столетието на Туркије“. Во текот на разговорот, децата симболично, во својство на министри зборуваа за тоа какви чекори треба да се преземат за јакнење на Република Туркије.
Со Ердоган разговараа за успесите на оваа земја во областа на одбранбената индустрија и автоиндустријата, конкретно за првиот турски воен брод „ТЦГ Анадолу“ и автомобилот „TOGG“.
Државниот празник Ден на националниот суверенитет и на детето се одбележува на 23 април, на денот кога во 1920 година е формирано Големото народно собрание на Туркије.
Овој датум во Туркије се слави во присуство на децата од целиот свет. На денешен ден 1924 година одлучено е денот на основањето на Големото народно собрание на Република Туркије да се одбележува како државен празник.
Пет години подоцна, на 23 април 1929 година овој празник им е даруван на децата. Од 1929 година се одбележува како Ден на националниот суверенитет и воедно како Ден на детето.