Турскиот претседател вети дека нема да дозволи големи промени на суштината на јужните региони во земјата во напорите за обнова по уништувањето кое го предизвикаа двата катастрофални земјотреси на почетокот на февруари.
„Не можеме да ги игнорираме структурните промени во нашите градови, каде што братски живеевме и кои беа дом на цивилизации илјадници години“, рече Реџеп Таип Ердоган при посетата на Адијаман, една од провинциите која беше најтешко погодена од земјотресите.
Повикувајќи ги локалните жители, Ердоган рече: „Заштитете го вашиот град. Никогаш трајно не ја напуштајте татковината. Ние ќе ви обезбедиме подобри, поубави, побезбедни, и понови домови на местото на сите што се срушија".
Ветувајќи дека неговата влада ќе ги преземе потребните чекори за поголема отпорност на градовите за идните катастрофи, Ердоган рече дека нема да биде дозволена изградба во области во близина на раседните линии или склони кон ликвификација на почвата за време на земјотресите. Тој, исто така, ја отфрли можноста за изградба на високи згради во старите населби.
Повторувајќи го ветувањето дека штетата предизвикана од земјотресите ќе биде поправена во рок од една година, тој рече: „Ние ќе сториме се што е потребно за да ги подготвиме нашите градови за катастрофи, почнувајќи од забрзувањето на проектите за урбана трансформација што е можно поскоро“.
Ердоган истакна дека владата „прави се што е потребно“ и веќе е завршено со истражувањата на почвата на местата каде што треба да се градат вкупно 309.000 нови домови и да се започне со изградба.
„Ќе изградиме речиси 50.000 домови во Адијаман. Ќе започнеме со пробив на земјиштето и ќе се гради каде веќе се завршени геолошките истражувања“, истакна тој.
Турскиот претседател се извини и што напорите за потрага, спасување и хуманитарна помош не биле спроведени толку ефикасно како што било побарано во првите денови на земјотресите поради огромниот разорувачки ефект на афтершоковите и неповолните временски услови.
Во земјотресите со јачина од 7.7 и 7.6 степени загинаа над 44.000 луѓе, а погодија 11 турски провинции вклучувајќи го епицентарот во Кахранманмараш, како и Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Килис, Османије и Шанлиурфа. Од земјотресите беа погодени над 13 милиони луѓе.