Ердоган: Не сакаме само зборови од Шведска и Финска, туку резултати     Фото: АА

Шведска и Финска мора да ги разгледаат безбедносните грижи на Туркије доколку сакаат да се приклучат на НАТО, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред да замине на самитот на НАТО во Мадрид.

Велејќи дека членството во НАТО доаѓа со одговорности, Ердоган за новинарите изјави: „Доколку Шведска и Финска сакаат да станат членки на НАТО, тие треба да ги земат предвид безбедносните грижи на Туркије, членка на Алијансата веќе 70 години.“

Шведска, заедно со Финска, официјално поднесоа барање за влез во НАТО минатиот месец, одлука поттикната од руската војна против Украина, што започна на 24 февруари.

Но, Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, изрази приговори за кандидатурите за членство, критикувајќи ги земјите дека ги толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации.

„Ќе одржиме четиристрана средба (за кандидатурите за членство на Шведска и Финска) и ќе видиме до која точка стигнале. Не сакаме само зборови, туку резултати“, рече Ердоган.

Тој додаде дека Анкара очекува Стокхолм и Хелсинки да го спречат слободното дејствување на терористичките организации ПКК и ЈПГ/ПЈД и сите други гранки во нивните земји.

„Очекуваме од нашите сојузници да не прават дискриминација меѓу членките на НАТО и дека закана против еден треба да се толкува како закана против сите“, рече Ердоган.

На средбата со лидерите во рамките на самитот, Ердоган изјави: „Имавме разговор со господин (американскиот претседател Џо) Бајден утринава. Тој изјави дека сака повторно да се состанеме вечерва или утре. Ние му одговоривме дека е можна повторна средба.“

Ердоган, исто така, ја отфрли евентуалната средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, велејќи дека нема средба со Грција додека „не се вразумат“.

AA
Популарни