Ердоган: Никој не може да го спречи подемот на Туркије     Фото: АА

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека дури и внатрешните и надворешните зла не можат да го спречат подемот на Туркије, нејзиното зајакнување и заземањето на местото што ѝ припаѓа во глобалниот систем.

Туркије денеска го одбележува националниот празник Денот на победата и Денот на вооружените сили, со кои се одбележува големата победа извојувана во Војната за независност која го отвори патот за прогласување на модерна Република Туркије.

По тој повод, одржана е и пригодна програма на Државните гробишта во Анкара, каде покрај Ердоган присуствуваа и претседателот на Големото народно собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп, турскиот потпретседател Фуат Октај и други политички и воени лидери, а присутни беа и голем број граѓани.

Програмата започна со оддавање почит на хероите од победата што ја освоија турските сили пред сто години.

Турскиот претседател ја прочита пораката што ја внесе во Книгата на честа, која ја започна со оддавање почит на војсководецот и основач на современа Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, на неговите соборци и на сите загинати турски херои и ветерани.

„Водени од патот што го трасиравте со вашата епска борба, ние ја продолжуваме нашата борба за зачувување на овие предели како наша вечна татковина. Решени сме оваа прекрасна земја, во која на секоја педа лежат храбри луѓе, да ја доведеме во 2023 година во единство, братство и хармонија и да ја реализираме нашата визија во 2053 година“, рече Ердоган.

По повод празникот, турскиот претседател исто така рече дека никакви надворешно оркестрирани игри, ниту напади на крволочни терористички организации нема да можат да ја спречат изградбата на растечка, посилна Туркије, која е надеж на угнетените.

Ердоган потоа ги посети гробиштата и разговараше со потомците на турските херои од борбата за независност.

Денот на победата се одбележува како спомен на последната битка во Војната за независност, по која беше прогласена модерна Република Туркије.

Предводени од воениот водач и основач на современа Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, турските сили на денешен ден, пред 100 години, постигнаа голема победа во Битката кај Думлупинар, последна во Војната за независност на Туркије што се водеше од 1919 до 1922 година.

AA
Популарни