Ердоган укажа на двојните аршини кога станува збор за ова прашање / Фото: AA

Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи го инцидентот со палењето на Куранот во Шведска порача дека палењето на Куранот не може да биде слобода на говор, јавува Анадолу.

„Како што не е слобода на говор да се запали црква или синагога, не може да биде слобода на говор ни палењето на Куранот“, рече Ердоган по состанокот на Кабинетот одржан во главниот град Анкара.

Ердоган укажа на двојните аршини кога станува збор за ова прашање.

„Кога станува збор за нивната сопствена безбедност, оние што не признаваат никакви права, закони и принципи одеднаш се сеќаваат на слободата на мислење кога станува збор за светињите на муслиманите. Во рацете на овој менталитет, „слободата на говор“ е алатка што ги легитимира сите форми на исламофобија и ксенофобија“, рече Ердоган.

Турскиот претседател се осврна и на бранот демонстрации што ја зафатија Франција откако полицаец уби 17-годишно момче во близина на Париз на 27 јуни.

„Насилството, за жал, роди насилство и ги започна денешните случувања. Како и низ историјата до денес, отсекогаш било оние што сеат ветер да жнеат бура“, порача Ердоган и додаде:

„Посакуваме овие случувања, за кои сме загрижени, што побрзо да завршат, пред да се пролее повеќе крв и пред да се зголеми спиралата на насилство. Загрижени сме и дека овие случувања ќе доведат до нов бран на притисок, заплашување на имигрантите и муслиманите.“

На крајот тој се осврна и на напорите што Туркије ги вложува во обновата на подрачјата погодени од земјотресот, порачувајќи дека досега е започната изградба на 180.000 станбени единици.

AA
Популарни