Ердоган: Туркије е една од земјите најмногу изложени на лажни вести / Photo: AA

Туркије е една од земјите кои се најмногу изложени на лажни вести, а дезинформациите се шират како сериозен предизвик за време на процесот на дигитализација, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Туркије е една од земјите најмногу изложени на лажни вести во светот поради нејзината стратешка локација, нејзината оригинална политика и нејзиниот принципиелен став за регионалните и глобалните прашања“, рече Ердоган во видеопораката на самитот „Стратком 2022“.

Денеска во турската метропола Истанбул започна дводневен самит на кој учесниците ќе се занимаваат со глобални теми од областа на стратешката комуникација. Состанокот се одржува под наслов „Стратешка комуникација во доба на несигурност“ со учество на 52 говорници од 24 земји.

Ердоган истакна дека како резултат на дигитализацијата се случуваат големи трансформации во средствата за комуникација и изворите на вести, додавајќи дека ширењето дезинформации е сериозен предизвик.

Тој додаде дека дигиталните канали сѐ повеќе се користат како елемент на психолошки дејства во создавањето на меѓудржавни тензии и конкуренција.

„Лицемерието во текот на нашата праведна борба против терористичките организации, особено ДЕАШ, ФЕТО и ПКК, повеќепати ја покажа оваа реалност“, рече турскиот претседател и додаде:

„Јазикот на некои меѓународни медиумски куќи на кои бевме сведоци по терористичкиот напад на улицата „Истиклал“ беше во прилог на сторителите“, рече Ердоган.

Како што рече, потребно е ново разбирање на комуникацијата, фокусирање на вистината.

Терористичката организација ЈПГ/ПКК на 13 ноември изврши терористички напад на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа 6 лица, а 81 беа повредени.

TRT Balkan / агенции
Популарни