Ердоган: Туркије е петта во Европа по обновливи извори на енергија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Туркије е петта во Европа, а 12-та во светот кога се во прашање изворите на обновлива енергија.

Ердоган ова го изјави во видеопораката објавена на церемонијата на отворањето на Форумот за животна средина кој го организира Агенција Анадолија (АА) во Истанбул.

Турскиот претседател на почетокот на пораката ги поздрави учесниците кои во Истанбул дојдоа од сите делови на светот. Посака форумот да биде од корист на целото човештво и упати честитки до управата на АА и на сите кои дале придонес во одржувањето на овој настан.

Ердоган рече дека форумот се одржува со цел од перспектива на медиумите да се трага кон решенија на климатските промени кои се еден од најголемите глобални проблеми.

Уверен е дека форумот од сите аспекти ќе опфаќа прашање на климата и животната средина, вклучувајќи ја медиумската одговорност, одржливиот развој, пристапот на медиумите кон природните катастрофи и слично.

„Индустријализацијата, технолошкиот напредок и последиците предизвикани од човечко делување, за жал, оставаат значително разорување на околината. Секоја година последиците на тоа уништување се сѐ поголеми и ги чувствуваме. Доколку на време не се преземат соодветни мерки, природни катастрофи, загаденоста на воздухот, безбедноста на храната и водата, губењето на биодиверзитетот ќе дојдат до точна од која нема враќање“, истакна Ердоган.

Турскиот претседател смета дека тоа е случај и со други прашања, земјите кои повеќе ја уништуваат природата треба да преземат поголеми обврски и повеќе да придонесат во борбата.

Тој потсети дека околината и природата се дар од Бога.

Изрази верување дека сите се должни да ја чуваат околината која е заеднички животен простор на сите битија.

Потсети дека емисијата на стакленички гасови на Туркије е под еден отсто, но дека и покрај тоа заштитата на околината е едно од главните прашања во земјата.

„Во поглед на последните 20 години преземавме историски чекори за да ја заштитиме природата и околината во нашата земја“, рече Ердоган.

Додаде и дека се видливи резултатите на чекорите преземени со цел заштита на околината, ширењето на обновливата енергија, управувањето со отпад и слично.

„Туркије е петта во Европа кога е во прашање обновливата енергија, а во светот се искачи на 12-то место. Тој успех го остваривме благодарејќи на тоа што нивото на обновлива енергија го подигнавме на 55 отсто од вкупната енергија. Шумското богатство го зголемивме на 23 милиони хектари и со тоа станавме земја која највеќе во Европа ги зголеми шумските површини“, рече Ердоган.

Тој потсети дека ширум земјата се работи на основање на национални паркови и остварување на целта од вкупната површина на националните паркови од 82 милиони квадратни метри во 81 област.

„Кога го дизајниравме и првиот домашен автомобил Тогг да биде потполно електричен, ја земавме в предвид и нашата обврска кон природата. Со усвојување на Парискиот климатски договор минатата година остваривме значителен напредок во борба против климатските промени. Ќе продолжиме да ги преземаме чекорите во остварување на конечната цел во тој поглед, односно нула емисија до 2053 година“, рече Ердоган.

Тој смета дека и медиумите, имаат значителна одговорност во подигнувањето на свеста кога станува збор за климатските промени и околината.

„Агенција Анадолија со неодамнешното покренување на платформата за животна средина стана предводник кога е во прашање известувањето за животната средина, не само во нашата земја, туку и во светот. Верувам дека АА која 102 години е гласот на нашата земја во светот, ќе го види скриеното кога е во прашање животната средина и на светот ќе му го раскаже нераскажаното. На агенцијата ѝ посакувам многу успех во оваа важна мисија“, рече Ердоган кој посака успех и во организирањето на форумот.

TRT Balkan / агенции
Популарни