Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, во Истанбул изјави дека неговата земја планира да го зголеми домашното производство на нафта до 100.000 барели дневно следната година.
Ердоган во Истанбул присуствуваше на церемонијата на доделувањето на наградите „Inovalig Champions“ во рамките на Турската недела на иновации, а во таа пригода говореше за актуелните случувања.
Една од темите за која Ердоган говореше беа и чекорите на Туркије кои во последните години ги презема во областа на развојот на одбранбената индустрија.
„Буџетот на нашите проекти во областа на одбранбената индустрија го зголемивме од 5,5 милијарди долари на над 75 милијарди долари“, рече Ердоган, напоменувајќи дека значително е зголемен и бројот на турските компании кои делуваат во таа област:
„Пред 20 години бројот на нашите компании во одбранбената индустрија изнесуваше 56, денес во таа област имаме повеќе од 1.600 компании.“
Ердоган потсети дека Туркије некогаш имала извоз во одбранбената индустрија од само 248 милиони долари, и рече дека истиот извоз оваа година веројатно ќе надмине четири милијарди долари.
Турскиот претседател најави зголемување на производството на домашна нафта.
„Домашното производство на нафта наредната година планираме да го зголемиме на 100.000 барели дневно“, рече Ердоган.
Кога станува збор за автомобилската индустрија во скоро време се очекува и сериско производство на турскиот автомобил Тогг (Togg).
„За неколку месеци, ако даде Господ, на патиштата ќе го видиме нашиот Тогг, кој ќе биде гордост на Туркије и турската индустрија“, порача Ердоган.
„Чекор по чекор го решаваме проблемот на трошоците за живот, кој е најголем извор на неволја за целиот свет, вклучувајќи ги Европа и Америка. Ќе ја продолжиме нашата решителна борба се додека Туркије не ја вклучиме меѓу 10 водечки економии во светот“, порача Ердоган.