Туркије ги повика членките на значајниот договор, со кој се деблокира извозот на жито од Украина преку Црното Море, да го почитуваат пактот, велејќи дека „неуспехот овде ќе работи против сите нас“.
„Очекуваме секој да ја преземе одговорноста за своите потписи и да постапи во согласност со своите одговорности“, рече претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган во ексклузивно интервју за јавниот сервис ТРТ (Турска радио-телевизија), повикувајќи ги страните вклучени во договорот да го почитуваат и да го имплементираат.
Ердоган рече дека рускиот напад викендов врз украинското пристаниште Одеса ја натажил Туркије, додавајќи дека „неуспехот тука би делувал на сите нас“.
„Со овој договор, ефектите од глобалната прехранбена криза, која добива сериозни димензии, ќе почнат да се намалуваат“, изјави Ердоган.
Во петокот, на 22 јули, Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа историски договор за обновување на извозот на жито преку украинските пристаништа Одеса, Черноморск и Јужни по неколкумесечна блокада поради руско-украинскиот конфликт, кој трае веќе шест месеци.
Според договорот, во Истанбул е формиран заеднички координативен центар за да врши инспекции на влезовите и излезите од пристаништата и да ја гарантира безбедноста на рутите.
Нема компромис со тероризмот
„Туркије нема да прави компромиси во однос на прашањата за тероризмот“, рече турскиот претседател Ердоган, повторувајќи дека Анкара очекува конкретни чекори од Шведска и Финска, во врска со прекинувањето на поддршката за терористичките групи.
„Не треба да се очекуваат отстапки од Туркије во врска со кандидатурите на Шведска и Финска за НАТО, освен доколку не се исполнат безбедносните грижи на Анкара“, рече Ердоган.
„Нашата црвена линија е да не бидат поддржувани ПКК, ПЈД, ЈПГ, ФЕТО. Никој од нас не треба да очекува да правиме компромиси околу ова“, изјави Ердоган во интервјуто за ТРТ.
Нападот на ПКК во Ирак
За минатонеделниот смртоносен напад во Духок, Ирак, Ердоган рече дека нападот „уште еднаш го покажа вистинското лице на ПКК“.
Минатата недела девет лица ги загубија животите, а 23 беа ранети во напад во областа Захо во северниот дел на Ирак, во провинцијата Духок.
Турски безбедносни извори ги негираа извештаите „за поддршка на терористичката група ПКК“, во кои за нападот се обвинуваат турските сили. Туркије соопшти дека не извршила никаков напад врз цивили во северен Ирак.
„Ова е еден од вообичаените потези на терористичките групи до сега“, наведувајќи дека целта на нападот била да го „поремети позитивниот развој на настани помеѓу Туркије и Ирак“, рече Ердоган.
Вмешаноста на САД во терористички групи
Коментирајќи ги симпатиите на американската Централна команда (CENTCOM) кон терористите на ЈПГ/ПКК, Ердоган го осуди продолжувањето на соработката на Соединетите Американски Држави (САД) со терористите на северот на Сирија.
„Американската вмешаност со терористичките групи ќе заврши со паѓање во дупка што сами ја ископаа“, порача Ердоган.
ЦЕНТКОМ во недела изрази сочувство и го пофали терористот на ПКК/ЈПГ убиен во близина на Камишли во северна Сирија.
Туркије долго наназад ги критикува САД поради соработката со терорисичката организација ЈПГ/ПКК, под плаштот на борбата против ДАЕШ, нагласувајќи дека нема смисол користењето една терористичка група за борба против друга.