Републиката, која ја прогласивме на 29 октомври 1923 година, го заврши својот прв век и заплови во вториот, кој го нарекуваме „век на Туркије“, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган во неделата по повод 100-годишнината од Република Туркије.
„Републиката, која ја прогласивме на 29 октомври 1923 година, го заврши својот прв век и заплови во вториот, кој го нарекуваме „Векот на Туркије“. Се надевам дека 100. Годишнина од прогласувањето на Републиката, која ја одбележуваме славно, со чест и радост, ќе биде добра за нашата земја и нашиот народ“, рече Ердоган.
Чувар на напуштените
Како што рече, Република Туркије, која денес ја одбележува стогодишнината, продолжува да блеска со својот сјај, како моќен чинар, со длабок корен.
Ердоган рече дека Република Туркије, токму како што сакаше нејзиниот основач Мустафа Кемал Ататурк, служи како чувар на напуштените во својот регион и во светот.
Турскиот претседател рече дека Република Туркије не е прва, туку последна турска држава.
Тој рече дека неговата нација има длабоко вкоренета историја со многу држави кои се протегаат од Азија до Европа.
„Нашата Република која е нова карика во нашата илјадагодишна државна традиција, не е прва туку последна држава која ја воспоставивме на овие простори. Во славната историја на нашата нација, имаме многу држави кои го обликувале светот, го воделе човештвото и покренувале цивилизации. Ги гледаме пресвртниците на нашето патување како се протегаат од Азија до Европа, оставајќи белег на три континенти и седум поднебја, прво со Селџуците во Анадолија, а потоа и со Османлиите, во 16-те ѕвезди на нашиот претседателски печат“, рече турскиот претседател.
Тој порача дека Република Туркије не е, ниту некогаш била, држава без корени и историја.
„Република Туркије е чесно богатство кое со илјадници години се пренесува од раце во раце, од срце во срце и од генерација на генерација. Прославуваме 100. Годишнина од нашата Република со гордост што имаме така силно, богато и длабоко вкоренето минато како нација. Ние не се одрекнуваме од своето наследство, напротив, ние ја прифаќаме секоја фаза од нашето славно минато“, изјави Ердоган.
Сила и инспирација
Како што рече тој, не само да земаат поука од минатото, туку од неа црпат сила и инспирација.
„Нашата Република, чија 100. годишнина денес славиме, за нас е гордост и инспирација. Републиката е прогласена и изградена на крв, животи и жртви на илјадници синови и ќерки на нашата татковина. Нашиот народ, кој не се согласил на заложништво, деградација и наметнување, со победа ја крунисал националната борба која ја започнал против освојувачите кои ја имале за цел неговата независност и иднина, а потоа, на 29 октомври 1923 година, ја воспоставил Републиката. Целта на воспоставувањето на Републиката, била, според зборовите на нејзиниот основач, да биде „заштитник на незаштитените“. Во нашиот период, Републиката ја добила оваа карактеристика во целосен контекст“, наведе Ердоган.
Тој порача дека денес Република Туркије е земја која е „заштитник на незаштитените“ во својот регион и во светот, токму како што Ататурк сакал.
„Од Балканот до Кавказ, од Карабах до Африка, од Туркестан до Палестина. Секаде каде постои угнетена жртва и лице во потреба, Туркије е таа која помага, ги зема за рака, ги подигнува и ги решава нивните проблеми. Овој став претходно го искажувавме во Кореја, Кипар, Ирак, Сирија, Либија, Јемен, а неодамна и во Карабах. Денес го покажуваме истиот став за Палестина и Газа“, појасни Ердоган.
Тој наведе дека Големиот митинг за Палестина, кој вчера е одржан во Истанбул, со учество на повеќе од 1,5 милиони луѓе, бил дел од овој напор.
„Со овој собир уште еднаш на целиот свет му ја соопштивме нашата решеност да ја заштитиме нашата независност и иднина, која ја проширивме на целата наша сродна географија. И во иднина ќе бидеме „заштитник на незаштитените“ без никаква дискриминација“, рече Ердоган.
Тој наведе дека веќе 21 година му служат на својот сакан народ, со уверувањето дека „не постои господарење со нацијата, туку служење“.
Раст во сите области
Ердоган во обраќањето ги сподели бројките кои покажуваат раст на Република Туркије.
„Нашето население, кое беше 13,6 милиони во 1927 година, достигна 65 милиони во 2002 година и 85,3 милиони во 2022 година. Се надеваме дека сите заедно во блиска иднина ќе видиме Туркије со 100 милиони жители“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на големиот напредок на Република Туркије во изминатите 100 години, наведувајќи дека во сите области, од надворешната политика до туризмот, културата, индустријата, технологијата и безбедноста, може да се забележи дека во Туркије се реализирани најголемите проекти и инвестиции во историјата на Републиката.
„Нашата најголема цел во наредниот период е да ја спасиме нашата демократија од срамот на постпучистичкиот Устав и да и обезбедиме граѓански, слободарски и инклузивен Устав што доликува на стогодишнината на нашата Република“, рече Ердоган.
Тој наведе дека децата на нацијата, чија историја е полна со победи, одлучни се да ја остварат и визјата на „Векот на Туркије“.
„На овој историски ден за време на кој ја славиме 100-годишнината од нашата Република, му изјавуваме на целиот свет дека ниту една империјалистичка сила нема да може да ја спречи Републиката да стане задоволна, успешна и победничка. Се што треба да направиме е да продолжиме да бидеме обединети, силни, браќа и сестри и сите заедно да бидеме Туркије“, порача Ердоган.