Ердоган во Хатај на граѓаните им ги врачи клучевите од становите / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им ги предаде клучевите од новоизградените домови во Хатај на жителите кои останаа без покрив над главата во разорниот земјотрес минатиот февруари.

Во турската област Хатај беше одржана свечена церемонија на која клучевите од становите им беа предадени на локалните граѓани.

„Денеска во Хатај им ги предаваме клучевите од становите на 7.275 корисници, од кои 6.572 се во нашите обласни и окружни центри, а 703 се во руралните подрачја“, рече Ердоган во своето обраќање пред присутните.

Потсети дека земјотресот предизвика големи разурнувања во 11 области, 124 окрузи, седум илјади села и населби, и дека од страшната катастрофа директно беа повредени 14 милиони граѓани.

Истакна дека турската држава веднаш презела итни мерки со сите расположливи ресурси пружајќи му помош и поддршка на населението погодено од земјотресот.

„Се надеваме дека во рок од два месеца ќе вселиме 75.000 домови на целото подрачје погодено од земјотресот“, рече Ердоган.

Во рамки на градежните работи кои моментално ги изведува во регионот Министерството за животна средина и урбанизам, на околу 930 градилишта во 11 области погодени од земјотресот работат 110.450 работници.

На подрачјето погодено од земјотресот на 6 февруари минатата година, во рок од два месеца на корисниците ќе им бидат предадени клучевите од 75.364 домови, а до крајот на годината за вкупно 200.000 домови.

Според проценката на штетите во 11-те области погодени од земјотресот, сериозно оштетени и неупотребливи се вкупно 850.000 единици, од кои 680.000 се домови и 170.000 комерцијални објекти. Штетата предизвикана од земјотресот се проценува на 104 милијарди долари.

Во разорниот земјотрес што во раните утрински часови на 6 февруари ја погоди југоисточна Туркије загинаа над 53.000 граѓани.

AA
Популарни