Службите за спасување дојдоа до телото на последниот работник по експлозијата во рудникот на северот на Туркије, со што бројот на загинатите е зголемен на 41, потврди претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган допатува во Амасра, во северниот турски град Бартин, каде се наоѓа рудникот во кој вчера дојде до експлозијата и трагедијата. Ердоган го посети местото на несреќата, каде ги доби и последните информации.
„Наш приоритет беше потрагата по 41 работник. Неговото тело е пронајдено, со што бројот на загинатите е зголемен на 41“, рече Ердоган, изразувајќи пораки на сочувство на семејствата на загинатите рудари.
„Работиме на тоа и даваме сѐ од себе рударските несреќи да ги закопаме во историјата користејќи ги сите можности и технологии“, рече Ердоган.
Тој додаде дека управната и судската истрага ќе покажат како дошло до експлозијата и кој е одговорен.
„Не сакаме повеќе да се соочуваме со недостатоци или непотребни ризици во нашите рудници“, порача Ердоган.
Министерот за внатрешни работи на Туркије Сулејман Сојлу претходно денеска изјави дека во болниците се наоѓаат 11 повредени и дека се спасени 58 рудари.
До експлозијата дојде 300 метри под земјата во рудникот за јаглен во црноморската крајбрежна област Бартин вчера во 18.15 часот по локално време (15.15 GMT).