Ердоган за земјотресот во Туркије: Заедно ќе ја надминеме оваа катастрофа

Ердоган за земјотресот во Туркије: Заедно ќе ја надминеме оваа катастрофа

„Нашите тимови за пребарување и спасување веднаш се упатени во зоните погодени од земјотресот.“
Претседателот Ердоган разговараше со гувернерите за земјотресот во Туркије / Photo: AA

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, во врска со земјотресот кој со јачина од 7,4 степени ја погоди турската област Кахраманмараш, изрази надеж дека во најкратко време ќе се надмине оваа катастрофа со најмала можна штета.

Ердоган преку социјалните мрежи се оглси по земјотресот што рано утринава ги погоди јужните региони на Република Туркије.
Турскиот претседател нагласи дека сите надлежни единици се во готовност, во координација со АФАД.

„Нашите тимови за пребарување и спасување веднаш се упатени во зоните погодени од земјотресот“, напиша Ердоган.

Тој рече дека сите служби, вклучувајќи ги министерствата за внатрешни работи и за здравство, како и АФАД, се ангажирани.

„Ние ги координираме работите кои започнаа по земјотресот. Се надевам дека заедно ќе ја надминеме оваа катастрофа што ја доживуваме. Посакувам тоа да го надминеме со најмала штета. Ги продолжуваме нашите работи“, додаде Ердоган.

Досега најмалку 76 лица загинаа, а 440 се повредени како последица на разорниот земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што рано утринава ги погоди јужните региони на Република Туркије.

Епицентарот на земјотресот е регистриран во округот на Пазарџик во Кахраманмараш, по што уследија 42 последователни потреси на тлото, од кои најсилниот беше со јачина од 6,6 степени според Рихтер.

Земјотресот е почувствуван во многу градови на југот на Туркије, особено во областите Кахраманмараш, Хатај, Османије, Адијаман, Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Малатија и Адана.

Сите надлежни служби на Република Туркије се ангажирани во операциите за пребарување и спасување, а во подрачјата погодени од земјотресот пристигнуваат релевантните екипи од сите делови на Туркије.

Преку Министерството за надворешни работи, Туркије побара меѓународна помош во подрачјето на потрага и спасување.

Според јавувањата на медиумите, најмалку 42 лица загинале во Сирија, во пограничните подрачја со Туркије.

AA
Популарни