Туркије ќе продолжи да биде центар на мирољубивата дипломатија во согласност со визијата на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави министерот за надворешни работи на земјата Хакан Фидан.
Фидан се огласи на платформата на социјалните мрежи Х за операцијата што ја изведе Националната разузнавачка организација (МИТ) во Анкара.
„Денес во Анкара беше спроведена историска операција за размена на затвореници. Од се срце им честитам на персоналот на нашата Национална разузнавачка агенција кој учествуваше во оваа операција. Туркије ќе продолжи да биде центар на мирната дипломатија во согласност со визијата на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган ,“ рече Фидан.
Националната разузнавачка организација на Туркије (МИТ) во петокот ја координираше успешната размена на затвореници во која беа вклучени седум земји во една од најобемните операции за размена во последниве години.
Вкупно 26 лица се разменети и транспортирани во Анкара со седум авиони - по еден од Германија, Полска, Словенија, Норвешка, Русија и два од САД.
Белорусија исто така беше вклучена во размената. Десет затвореници, меѓу кои и две деца, се префрлени во Русија, 13 во Германија и тројца во САД.
Изворите велат дека операцијата, која се издвојува како најобемна меѓу САД, Русија и Германија во поновата историја, била олеснета од МИТ, која воспоставила клучни канали за дијалог.
МИТ собра претставници на овие седум земји во Анкара во јули, велат изворите, додавајќи дека за време на овие разговори агенцијата одиграла централна улога во посредувањето во преговорите што доведоа до размената.
Меѓу клучните фигури кои биле разменети се новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и поранешниот американски маринец Пол Вилан, кои биле држени во руски затвори. Германскиот државјанин и платеник Рико Кригер, кој беше затворен во Белорусија, исто така беше дел од размената, како и рускиот опозиционер Илја Јашин и офицерот на руската Федерална служба за безбедност Вадим Красиков, кој отслужуваше казна во Германија за убиство на поранешен чеченски командант во дрзок атентат.