Контејнерите за гласање се поставени во многу населби и училишта кои не претрпеа сериозни оштетувања во земјотресите и се безбедни за гласање. / Photo: AA

Грaѓаните на Хатај, Османије и Адана во Туркије и во другите подрачја кои се погодени од разорните земјотреси од февруари оваа година, излегоа исто така на гласачките места за да гласаат во вториот круг од претседателските избори.

Во Хатај, каде право на глас имаат повеќе од милион граѓани, гласачите од утринските часови доаѓаат да ја остварат својата граѓанска должност. Контејнерите за гласање се поставени во многу населби и училишта кои не претрпеа сериозни оштетувања во земјотресите и се безбедни за гласање.

До гласачките места е организиран и бесплатен превоз за граѓаните кои привремено се сместени во контејнерските и шаторските населби и кои немаат можност да отидат до местата за гласање. Од утринските часови граѓаните стигнуваат и во училиштата во Османије, како и во Адана.

Гласачките места ширум Туркије се отворени утрово во 08:00 часот по локално време (07:00 часот по средноевропско време), со што започна гласањето во вториот круг од претседателските избори.

Повеќе од 64 милиони граѓани во Туркије имаат право на глас, а во вториот круг избираат помеѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидат на Народната алијанса, и кандидатот на опозициската Национална алијанса Кемал Киличдароглу.

Во вториот круг од изборите, право на глас ќе имаат дополнителни 47.523 гласачи, кои во меѓувреме наполнија 18 години. Во првиот круг од изборите одржан на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а водачот на опозицијата Кемал Киличдароглу, освои 44,89 отсто од гласовите.

Народната алијанса предводена од владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) освои мнозинство во државниот парламент на парламентарните избори одржани на 14 мај.

Гласањето за вториот круг на гласачките места надвор од земјата и на граничните премини почна на 20 мај. Гласањето при дипломатските претставништва на Република Туркије во странство, во вкупно 73 земји, завршено е во средата. Гласањето на граничните премини трае се до затворањето на редовните гласачки места, денес до 17 часот.

Според податоците на Врховната изборна комисија на Туркије, во вториот круг од изборите повеќе од 1,92 милиони луѓе гласаа во турските странски мисии и на граничните премини до 16 часот по локално време во саботата.

Според најавата на Врховната изборна комисија на Туркије, првите прелиминарни и неофицијални резултати од вториот круг на претседателските избори ќе бидат објавени истиот ден, по затворањето на гласачките места.

TRT Balkan / агенции
Популарни