Избори во Туркије: Претседателот Ердоган гласаше во Истанбул / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, придружуван од сопругата Емине Ердоган, гласаше во вториот круг од претседателските избори во таа земја на избирачко место во Истанбул.

Актуелниот претседател Ердоган, кандидат на Народна алијанса предводена од Партијата за правда и развој (АК Партија), гласаше на избирачко место во училиште во областа Ускудар во Истанбул.

Ердоган по гласањето во изјава за медиумите рече дека првпат во историјата на турската демократија се одржува втор круг од претседателските избори.

„Во вториот круг секако ги нема партиите. Постојат само два кандидати и затоа верувам дека денешното гласање ќе биде реализирано брзо“, рече Ердоган и посебно ја пофали високата излезност на изборите во Туркије.

„Во светот не постои држава во која излезноста достига 90 отсто. Туркије на најдобар начин ја покажа демократската зрелост со излезноста до 90 отсто. Верувам дека и денес ќе биде исто така“, рече Ердоган.

Турскиот претседател изрази желба изборите да бидат од корист за целата држава и граѓаните.

Гласачките места низ Туркије се отворени утрово во 8:00 часот по локално време (7:00 часот по средноевропско време), со што започна гласањето од вториот круг на претседателските избори во оваа земја.

Повеќе од 64 милиони граѓани на Туркије со право на глас во вториот круг избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидат на Народна алијанса, и Кемал Киличдароглу, кандидат на опозициската Национална алијанса.

Во првиот круг од изборите, одржани на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а водачот на опозицијата Кемал Киличдароглу освои 44,89 отсто од гласовите. Народна алијанса на Ердоган, предводена од владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), освои мнозинство во државниот Парламент во првиот круг.

AA
Популарни