Самовилски оџаци, подземни градови, пештерски хотели, возење со балон на топол воздух…Ова е само мал дел од она што го нуди едно од најпознатите турски туристички дестинации Кападокија. Регионот руши рекорди во посетеност годинава. Регистрирани се 2,5 милиони домашни и странски туристи за 8 месеци годинава.
Бројот на туристи е речиси двојно зголемен во однос на периодот јануари-август минатата година.
Регионот, кој се наоѓа во провинцијата Невшехир во Централна Анадолија, е зачуван како светско наследство на УНЕСКО од 1985 година.
Секторот за туризам е задоволен од историскиот рекорден број на посетители велејќи дека на преден план излегува со своите природни, историски и културолошки богатства.
„Бројот на посетители на музеите и археолошките локалитети во Кападокија во првите осум месеци во оваа година достигна 2.545.033. Оваа бројка ја надмина бројката на посетители во истиот период во 2019 година која се сметаше за златна година.“, велат од Секторот за туризам.
Кападокија вниманието на туристите го привлекува со своите самовилски оџаци, долините со природни карпести формации, историските манастири издлабени во карпи, балоните со топол воздух и различни други активности.
Бројот на посетители во периодот од јануари до август оваа година е зголемен за 98 отсто во споредба со истиот период минатата година. Поради овој факт се задоволни и вработените во секторот на туризмот.
Талип Алдемир, претставник на Сојузот на туристичките агенции на Туркије (ТУРСАБ) во подрачјето на Кападокија истакна дека е забележан раст на туристите во подрачјето, и дека имале плодна туристичка сезона.
Алдемир нагласи дека во 2023 и во 2024 година очекуваат раст во бројот на туристите во Кападокија.
„2019 година ја сметавме како рекордна година. Во 2020 година очекувавме повеќе посетители. Но за жал, пандемијата ја погоди и Кападокија, како и целиот свет“, рече Алдемир, додавајќи дека секторот за туризам е задоволен од 2022 година.
Тој истакна дека наредната година очекуваат повеќе туристи и од Јапонија, Балканот, Далечниот Исток, Јужна Америка и Европа.
„Природните формации се едни од нештата што ја разликуваат Кападокија од останатите туристички дестинации“, нагласи тој.