Познатиот архитект Мимар Синан остави свој белег на контурите на многубројните згради што ги изградил во градовите низ поранешната Османлиската Империја. Векови подоцна луѓето сè уште им се восхитуваат на неговите дела.
Според официјални информации, Мимар Синан е роден во 1490 година во селото Агирнас во турската област Кајсери, а во Истанбул бил донесен како девширме во времето на султанот Јавуз Селим.
Синан имал можност да се запознае со архитектонските дела во регионот учествувајќи во египетската експедиција на султанот Јавуз Селим, која започнала во 1516 година, при што ги испитувал античките градби, како и градбите од селџучкиот и сафавидскиот период. Така се здобил со значајни сознанија за односот на архитектурата, градот и урбанистичкото планирање.
Бил јаничар за време на Сулејман Величествениот, а се прославил по учеството во походите во Белград во 1521 година и во експедицијата на Родос во 1522 година.
По наредба на Лутфи-паша, Синан направил три галии на брегот на езерото Ван во Татван во 1534 година. Во еден поход ги опремил и командувал со бродовите со кои собирал информации за состојбата на сафавидските трупи.
Архитектурата била главна преокупација на Синан, кој станал значаен благодарение на тоа што бил близок и му служел на Сулејман Величествениот во многу негови походи.
Откако бил назначен големиот везир Лутфи-паша, Синан изградил мост на реката Прут за 13 дена за време на походот кон Молдавија во 1538 година, по што добил признанието од султанот Сулејман Величествениот и бил награден како главен архитект.
Во период од 49 години бил главен архитект во дворот на султаните Сулејман Величествениот, Селим II и Мурат III.
Скромно турбе до неговото ремек-дело на комплексот Сулејманије
Мимар Синан со ентузијазам ја продолжил својата работа до длабока старост. Починал во 1588 година во Истанбул. Неговото турбе, кое изгледа како компас кога се гледа од воздух, е веднаш до комплексот Сулејманије, кој тој го сметал за свое најголемо ремек-дело.
Мимар Синан имал три деца со сопругата Михри Хатун. Неговиот син Мехмед бил убиен. Неслихан и Умухан се ќерки на Мимар Синан.
За време на речиси 50-годишниот работен век како главен архитект, Мимар Синан дизајнирал и изградил стотици објекти, големи и мали, а многу и реставрирал. Во текот на животот Синан изградил повеќе од 350 објекти, од кои 82 џамии, 52 месџиди (место за молење), 55 медреси, седум училишта, 20 турбиња (надгробен споменик, мавзолеј), 17 имарети (јавни народни кујни), три болници, шест аквадукти (водоводи), 10 моста, 20 каравансараи, 36 палати, осум подземни магацини и 48 амами (турски бањи).
Иако џамиите, месџидите и социјалните комплекси привлекуваат најголемо внимание од неговите дела, Мимар Синан се покажал и како одличен архитект на мостови и аквадукти.
- Донел вода во Истанбул од 55 километри оддалеченост -
Мимар Синан го изградил аквадуктот Кирк Чешме, со кој донел вода во Истанбул од 55 километри оддалеченост. Тој ги изградил главниот и помалите базени и го решил проблемот со водоснабдувањето во Истанбул во 16 век, а овој проект е познат како еден вид инженерско чудо во тоа време.
Долгиот аквадукт, кривиот аквадукт и аквадуктот Маглова и денес стојат цврсто, пркосејќи му на времето како сведоци на архитектонската умешност на Мимар Синан.
Мимар Синан се интересирал за сите гранки на уметноста од периодот во кој живеел, а во своите дела вклучил и османлиски плочки од 16 век, калиграфија, резба и декорација.
Вршел реставрација и поправка на некои стари објекти. Така, тој извршил важна работа на одржувањето на џамијата Аја Софија, ја поправил куполата на џамијата во 1573 година и околу неа изградил контрафор (архитектонски конструктивен елемент што го зајакнува ѕидот и го неутрализира страничниот притисок на сводот).
- Комплекси што се дела на работа како чирак, калфа и мајстор -
Архитектот Синан создал дела во многу градови на Османлиската Империја, а фазите на својата работа во архитектурата ги дефинирал со три големи општествени комплекси.
Џамијата Шехзаде, која ја завршил во 1548 година, ја опишал како „дело на чирак“, џамијата Сулејманија, завршена во 1557 година, ја опишал како „работа на калфа“, а џамијата Селимија, која ја завршил во 1575 година, ја опишал како „дело на мајстор“.
Со своите дела тој го збогатил Истанбул, главниот град на Османлиската Империја и ја поставил силуетата на градот со изградените џамии, комплекси, мостови и други дела. Во Истанбул изградил 36 џамии, 22 месџиди, 18 училишта и медреси, четири библиотеки и 12 турски бањи (амами).