Мрежата на летови на Туркије опфаќа 346 дестинации во 131 земја / Photo: AA

Во текот на децениите Туркије од летање до 60 дестинации во 50 земји на меѓународните линии достигна до бројка од 346 дестинации во 131 земја, рече денес турскиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу.

Говорејќи на 34. годишен конгрес на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) во Европа, кој се одржува во Истанбул, Уралоглу рече дека Туркије со векови била географска и културна крстосница на континентите и цивилизациите.

Туркије е мост меѓу Азија и Европа и се наоѓа во центарот на коридорите север-југ меѓу Русија и Африка, истакна тој, при што додаде дека земјата, исто така, е на важна положба по должината на историскиот пат на свилата.

Од Туркије патниците можат да стигнат до 1,4 милијарди луѓе во 67 земји за само четиричасовен лет, нагласи тој.

„Денес, благодарение на воздушниот сообраќај, гледаме дека глобалната мобилност на капиталот, знаењето и обучената работна сила се забрза повеќе од кое било друго време во историјата“, посочи турскиот министер.

„Денешните општества знаат дека времето е скапоцен ресурс што не може да се врати назад, да се складира или запре, а развојот на секторот за воздушен транспорт го направи овој концепт на брзина дел од животот на луѓето“, рече Уралоглу.

Од 34 милиони на 214 милиони за две децении

Тој истакна дека Туркије радикално го обновила својот авијациски сектор од 2002 година, прво со повеќе од двојно зголемување на бројот на аеродроми од 26 на 57.

„Земјата работеше за да стигне до секоја држава во светот и сега може да се пофали со најголема мрежа на летови во светот“, рече министерот.

„Бројот на патници достигна 214 милиони минатата 2023 година, што е скок од 34,5 милиони во 2002 година“, рече Уралоглу.

Минатата година еден авион минуваше над небото на земјата на секои 15 секунди, истакна Уралоглу, и додаде дека оваа година земјата очекува уште повеќе летови.

Тој, исто така, рече дека аеродромот „Истанбул“ е еден од најфреквентните аеродроми во Европа со 1.520 лета во просек дневно.

„Извонредниот успех на 'Туркиш ерлајнс', кој денес се натпреварува со светските гиганти во глобалната цивилна авијациска индустрија, се крие зад пробивот и обемните капацитети и беспрекорната организациска структура на новиот оперативен центар, аеродромот 'Истанбул'“, рече турскиот министер.

Наведувајќи дека „Фајненшл тајмс“ неодамна објави статија во која се вели дека „Туркиш ерлајнс“ е трета најпрометна авиокомпанија во светот по „Рајанер“ и „Изи Џет“, тој истакна дека „Туркиш ерлајнс“ го зголеми својот воздушен карго сообраќај за 16 отсто минатата година со услугите што ги нуди до 364 дестинации со 24 карго авиони и 416 патнички авиони.

AA
Популарни