Додека се навршува шестата година од предавничкиот обид за државен удар на припадниците на терористичката организација ФЕТО, во Музејот на сеќавање на 15 јули во Истанбул се изложени голем број предмети и видеоснимки кои ги потсетуваат посетителите за она што се случи во ноќта на 15 јули 2016 година.
Музејот на сеќавање на 15 јули го отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на третата годишнина од обидот за државне удар. Музејот се наоѓа на приодот до „Мостот на шехидите“ од 15 јули, во азискиот дел на Истанбул, на површина од 1.500 квадратни метри.
Во музејот, на чиј влез стои пораката „Не заборавај“, како и имињата на сите 251 загинати херои од 15 јули, изложени се експонати кои потсетуваат на нив и на ранетите во ноќта на неуспешниот обид за државен удар.
Музејот од неговото отворање на 15 јули 2019 година, го посетиле 1,5 милиони лица.
Чемпрес за секој загинат
Во дворот на музејот се засадени чемпреси, а на секој од нив е поставена плоча со името и информации за загинатите од 15 јули. Посетителите кои доаѓаат во музејот, прво застануваат покрај споменикот во форма на купола и се молат за загинатите.
Внатре, во музејот, може да се види и автомобилот што пучистите го прегазија со тенкови во ноќта на 15 јули. Еден од највпечатливите делови на музејот е катчето наречено „Чевлите на нашите загинати“, кое е создадено со поставување низа чевли што ги носеле граѓаните кои со своите тела се спротивставија на предавничките пучисти на ФЕТО.
Траги од обидот за државен удар
Во музејот се изложени голем број предмети кои покажуваат траги од обидот за државен удар.
Мобилниот телефон на новинарката Ханде Фират, која во ноќта на обидот за државен удар разговараше со претседателот Реџеп Таип Ердоган, кога тој ги повика граѓаните да излезат на улица за да се спротивстават на пучот, исто така е изложен пред екранот на кој е прикажан тогашниот говор на Ердоган.
Меѓу предметите кои привлекуваат посебно внимание на посетителите се беретката и камата на подофицерот Омер Халисдемир, кој таа вечер загина откако претходно го уби пучистот генерал Семих Терзи, кој се обиде да ја преземе командата на специјалните сили.
Во еден дел од музејот се изложени предмети на загинатите и ветераните, како шлемови, мобилни телефони и клучеви, од ноќта на 15 јули.
Посетителите можат да ги видат видеоснимките
Посетителите имаат можност да гледаат и видеа од настаните од ноќта на обидот за пуч. Внатре, во музејот, може да се видат и податоци за историјата на државните удари во светот, како и историјата на колонијализмот.
Музејот, кој е затворен во понеделниците, со својата поставка ги потсетува посетителите дека никогаш нема да се заборави предавничкиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетулах Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), чие испорачување Туркије официјално го побара од САД.
Припадниците на терористичката организација со години, преку местење на испитите, напредуваа во службата инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во правосудството во Туркије се обидоа преку монтиран процес за наводна корупција да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч изведен од офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува закана само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа и турските власти. За време на обидот за пуч во Туркије животот го загубија 251 лице, а 2.734 беа повредени.