Туркије застана против угнетувачите, покрај угнетените, заземајќи го местото на вистинската страна на историјата, рече Јерликаја / Photo: AA

Над 81.500 сириски бегалци во Туркије доброволно се вратија во својата земја од 9 декември, изјави денес турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Говорејќи на настан во главниот град Анкара, Јерликаја рече дека Туркије моментно е домаќин на над 4,1 милиони странски државјани, од кои 2,86 милиони Сиријци.

Потсетувајќи на колапсот на 61-годишниот режим на партијата Баас во Сирија, Јерликаја рече: „Туркије застана против угнетувачите, покрај угнетените, заземајќи го местото на вистинската страна на историјата.“

„Со постигнувањето слобода во Сирија, доброволното, безбедното, достоинственото и регуларното враќање доби на интензитет. Од 9 декември вкупно 81.576 наши браќа и сестри од Сирија се вратија во својата земја доброволно, безбедно, чесно и регуларно.“

Истакнувајќи дека од 2017 година оваа бројка достигнала 821.579, тој рече: „Продолжуваме да ја даваме потребната поддршка за да се осигуриме дека (нивното) враќањето ќе се одвива на правилен начин и дека процесот ќе тече непречено.“

„Како Министерство за внатрешни работи, ние управуваме со сите аспекти на миграцијата со холистички и стратегиски пристап. Може со сигурност да кажеме дека Туркије е земја модел во управувањето со миграциите“, рече тој. „Наш основен принцип во управувањето со миграциите е пристап што ги почитува човековите права и слободи, се придржува до нашите цивилизациски вредности и не ги загрозува јавниот ред и безбедност.“

Јерликаја, исто така, рече дека во 2024 година властите депортирале над 142.500 нерегуларни мигранти и спровеле речиси 7.900 операции против шверцери на луѓе, при што биле приведени над 5.100 осомничени.

Туркије, исто така, воведе нови мерки за легалната миграција, како дигитални системи за спречување на нелегално вработување и иницијативи како „Тех виза“ за привлекување квалификувани работници.

Јерликаја истакна дека Туркије тесно соработува со соседните земји за да се справи со миграциските предизвици и да спречи земјата да стане дестинација за нерегуларните мигранти.

TRT Balkan / агенции
Популарни