Напорите за помош при катастрофи се зајакнуваат со одбранбено-цивилна соработка / Фото: AA

Развојот на одбранбената индустрија може значително да влијае во справувањето со природни катастрофи како земјотреси, поплави, урагани и шумски пожари. Елементарните непогоди може да предизвикаат огромни човечки жртви и материјали штети, а со употребата на напредни технологии развиени од одбранбената индустрија може да се спречат или ублажат последиците како и да се подобри времето на одговор и напорите за закрепнување.

„Производите и технологиите на одбранбената индустрија имаат големо значење во борбата против природните катастрофи и во начинот на кој ќе се преземат мерки по катастрофата“, вели Арда Мевлутоглу специјалист за воздушна и одбранбена технологија.

„Електрооптички, електромагнетни или акустични сензорски системи се користат за идентификација на жртвите од катастрофи, за одредување на обемот на катастрофата и погодената област и за управување со операциите за потрага и спасување и евакуација“, додава Мевлутоглу.

Напорите за помош при катастрофи се зајакнуваат со одбранбено-цивилна соработка

Одбранбената индустрија традиционално се фокусира на развој на технологии и капацитети за поддршка на воените операции и националната безбедност. Сепак, многу од овие технологии и капацитети можат да бидат корисни и за одговор на природни катастрофи и други вонредни состојби.

„Бевме сведоци на ваква ситуација за време на Ковид-19 пандемијата во Италија и други европски земји кои беа најтешко погодени од епидемијата во почетокот на 2020 година, а здравствениот систем беше пред колапс. Затоа, во болниците задолжени за санитарната опрема и персоналот беа вооружените сили. Руската Федерација во Италија во март 2020 година испрати воени единици специјализирани за епидемиски болести и контаминација“, посочува Мевлутоглу.

Важно е да се потенцира дека одбранбената индустрија сама по себе не значи дека е доволна за справување со природни непогоди, туку неопходен е и соодветен цивилен капацитет кој треба соодветно да се развива.

„Иако одбранбената индустрија работи во зоната на земјотресот со сета своја современа и напредна технологија, може да се каже дека е важно да се зголеми цивилниот капацитет во области како што се транспорт на хуманитарна помош и управување со теренска болница и сместувачки капацитети“, додава Мевлутоглу.

Од воена моќ до помош при катастрофи: Расте одбранбениот капацитет на Туркије

Од почетокот на разорниот земјотрес во кој загинаа илјадници и опустошени беа 11 провинции, турската влада и други хуманитарни организации мобилизираа низа ресурси, вклучувајќи тимови за одговор на вонредни состојби, медицински персонал, тимови за потрага и спасување и материјална помош за погодените од катастрофата.

Домашните и националните производи на турската одбранбена индустрија, исто така, значително придонесоа во зоната на земјотресот за да се спасат животите на луѓето и да се воспостави попогодна средина за живот.

„Сите летечки воздухопловни платформи во инвентарот на турските вооружени сили, без исклучок, беа користени во операциите за потрага и спасување, евакуација и поддршка по земјотресот. Воспоставен е воздушен коридор за транспорт со авиони и хеликоптери. Координацијата на воздушните коридори беше обезбедена од Боинг Е-7, систем за рано предупредување и контрола на воздушниот сообраќај“, открива Мевлутоглу.

„Со турски беспилотни летала беа извршени мисии за надзор, потрага и спасување и комуникација. Дополнително, системот „Радар преку ѕид“, кој се користи за откривање и локација на статични и/или подвижни цели, особено луѓе зад цврсти бариери или ѕидови, развиен од технолошка компанија со седиште во Туркије, се користеше за откривање и спасување на жртви под урнатините“, додава тој.

Турските дронови прават клучна разлика

Областа каде одбранбената индустрија имаше значително влијание врз одговорот на природната катастрофа е развојот на беспилотни летала, попознати како дронови.

Дроновите може да се користат за истражување на зоните на катастрофи и да им обезбедат слики и податоци во реално време на тие кои се први на терен, помагајќи им да ги идентификуваат областите на кои им треба итна интервенција и поефикасно да ги планираат напорите за спасување и обнова.

„Дроновите кои можат да останат во воздухот долго време ги даваат најголемите придобивки во одговорите по катастрофата. Многу беспилотни летала беа испратени во регионот веднаш по земјотресот на 6 февруари и беа поддршка за операциите за потрага и спасување, проценка на штетата и евакуација“, смета Мевлутоглу.

Во овие мисии дроновите на Бајрактар оствариле летови со траење од околу 2.000 часа.

Исто така одбранбената индустрија разви напредни комуникациски технологии кои можат да се користат за воспоставување сигурни комуникациски мрежи во области погодени од катастрофи каде што традиционалните комуникациски системи можеби биле нарушени.

Технологијата со беспилотни летала може да им помогне на итните служби подобро да ги координираат своите напори и да комуницираат со погодените заедници, подобрувајќи ја ефикасноста на операциите за спасување и помош.

„Можам да дадам интересен пример за употреба на одбранбените технологии за одговор при итни случаи за време на земјотресот во Туркије. Дронот „Аксунгур“ опремен со мобилна базна станица прелета над областа погодена од катастрофи за повторно да ја воспостави комуникацијата со мобилни телефони. Аксунгур служеше како базна станица на висока надморска височина“, потенцира Мевлутоглу.

Дроновите Аксунгур пренесуваа инстант снимки во зоната на земјотресот и обезбедуваа комуникациски услуги за мобилни телефони со базната станица. Оваа технологија за првпат беше применета.

Како заклучок, развојот во одбранбената индустрија може да има позитивно влијание врз борбата против природните катастрофи преку обезбедување напредна технологија и комуникациски системи.

TRT Balkan
Популарни