Официјални претставници на Русија и на Соединетите Американски Држави утре ќе одржат технички разговори во Истанбул, соопшти денеска турското Министерство за надворешни работи.
„Како што постојано повторуваме, Туркије е подготвена да обезбеди секаков вид поддршка на мировните напори, вклучително и домаќинство на понатамошни разговори“, рече портпаролот на Министерството, според Ројтерс.
Учесниците, точното време и локацијата на состанокот се уште не се објавени, додава агенцијата.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно денеска изјави дека утре во Истанбул ќе се одржи руско-американска средба за нормализација на работата на амбасадите на двете земји.
„Нашите високи дипломати и експерти ќе се сретнат и ќе ги испитаат сите системски проблеми што се акумулираа како резултат на незаконските активности на претходната администрација во САД за создавање вештачки пречки за работата на руската амбасада. Ние, се разбира, одговоривме на тоа и создадовме непријатни услови за работа на американската амбасада“, рече Лавров.
Тој нагласи дека врз основа на резултатите од таа средба ќе биде јасно колку брзо и ефикасно ќе можеме да „одиме напред“.