Од сон до реалност: Десет факти за првиот електричен автомобил од Туркије     Фото: АА

Од сон и скици на хартија до реалност. Вака се развиваше приказната за првиот електричен автомобил со налепница „Made in Türkiye“. Во време на пандемија од коронавирус, кога светот буквално запре, Туркије продолжи со своите сериозни планови за развој и сериско производство на својот прв целосно електричен автомобил.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најавувајќи го новото возило рече дека станува збор за 60-годишен сон на Туркије да има свој автомобил и потсети дека веста за производство на првиот автомобил од домашно производство одекнала во целиот свет.

Дека автомобилот наречен ТОГГ не е само сон туку станува реалност потврдува и фактот дека денеска на 29 октомври ,на 99-годишнината од Турската Република, претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе го отвори кампусот „Гемлик“, каде што ќе се одвива масовното производство на првиот домашен автомобил. Возилата се очекува да излезат на патиштата во март 2023 година.

Фото: AA

Целосниот прототип на првиот турски автомобил ТОГГ веќе беше презентиран пред јавноста, а динамиката на развојот на овој автомобил се одвива според планираното.

ТРТ Балкан открива десет најзначајни факти за првиот елетричен автомобил од Туркије.

Втора автомобилска револуција

Проектот ТОГГ се смета за втора автомобилска револиција на Туркије откако до 1961 година во земјата беше претставен првиот автомобил наречен „Деврим“(Револуција).

Тогаш тимот од турски инженери за 129 дена креирале четири автомобили „Деврим“ подготвени за јавна презентација истата година за време на прославата на Денот на Републиката во Анкара.

Меѓутоа, проектот бил ставен во мирување откако несоодветното гориво предизвикувало автомобилот да трокира на патот што предизвикало негативни коментари во јавноста.

Фото: AA

Развиен од 100 турски инженери

Кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во декември 2019 година го презентираше прототипот на новиот турски автомобил рече дека Туркије повеќе не е земја која е само пазар на нови технологии, туку земја која ги развива, произведува и извезува во светот.

Ердоган рече дека на развојот на турскиот домашен автомобил работеле над 100 турски инженери.

„Нашиот сон е да имаме и на светот да покажеме автомобил, кој, користејќи ја националната технологија, го направија наши дизајнери и инженери“, порача Ердоган.

Прототипот беше презентиран во Долината на технологијата во Гебзе.

Фото: AA

Кој е во иницијативната група

На проектот за развој на новиот турски автомобил работи Иницијативната група за производство на турскиот автомобил (TOGG), која по препорака на Ердоган се формираше во 2018 година со здружување на ресурсите на турските компании: Групацијата „Анадолу“, БМЏ (BMC), Групацијата „Кок“, „Турксел“ и „Зорлу Холдинг“.

Фото: AA

Фабрика во Бурса

Во јули минатата година турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го положи камен темелникот за изградба на фабриката за производство на првиот автомобил од турско производство. Тој тогаш најави дека фабриката ќе биде завршена во рок од 18 месеци, а првиот автомобил ќе биде произведен во последниот квартал од 2022 година.

Според Ердоган, фабриката е симбол на визијата за голема, силна и иновативна Туркије, која ќе биде инспирација за идните генерации.

Сериско производство

Првиот сериски произведен автомобил ќе излезе наскоро. Годишниот проектиран производствен капацитет ќе биде 175.000 возила, за што ќе бидат ангажирани 4.300 работници. На почетокот на производството, домашниот удел ќе биде 51 отсто, додека во 2025 година тој процент ќе достигне 68 отсто. До 2030 година се планира производство на пет различни модели на автомобили.

Пет модели до 2030 година

Моделот на новиот турски автомобил ќе биде од категоријата СУВ возила на електричен погон. Планот е до 2030 година да се започне со производство на пет модели на турски автомобили, и тоа по три различни верзии за секој модел. Планирано е годишно производство на 175.000 примероци.

Фото: AA

Инспириран од симболот на Анадолија-лалето

Лалето, симболот на анадолската почва, ја дало инспирацијата за модерниот и оригиналниот дизајн. Линиите што ги имаат лалињата се вградени во предницата на автомобилот и во бандажите на возилото, истакнувајќи ја длабоката врска со богатото културно наследство на Туркије.

Мотори со 200 и 400 коњски сили

Батеријата на првиот електричен автомобил од Туркије ќе се полни до 80% за помалку од 30 минути. Автомобилот со едно полнење ќе може да прејде помеѓу 300 километри и 500 километри. Забрзувањето од 0 до 100 км / ч ќе биде за 7,6 секунди со моторот со 200 коњски сили, а под 4,8 секунди со моторот од 400 коњски сили.

Паметен автомобил

Според најавата на турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк првиот турски автомобил ќе биде паметен автомобил и пријател на животната средина, како и дека ќе биде произведен во фабрика која исто така ќе биде пријател на животната средина.

Фото: AA

Полначи за еден милион возила

Турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, претходно изјави дека очекува на турските патишта до 2030 година да има преку милион електрични возила. Додава дека до 2023 на патиштата ќе биде и сопствениот автохтон автомобил од Туркије. Токму затоа планирана е инфраструктура во сите поголеми градови за да може да се наполнат овие автомобили.

„Овие полначи би требало да можат да го наполнат автомобилот за некои 15-25 минути, зависно од капацитетот и карактеристиките на акумулаторот, што значи дека мрежата мора да има капацитет од 50-100 киловат часови“, изјави Донмез.

На крајот уште додаде дека брзите полначи би требало да бидат направени не само во големите турски градови, туку и во помалите градови во кои исто така постои интерес за електрични возила.

TRT Balkan
Популарни