Работите на изградбата на тој комплекс сè уште траат. Сите единици се очекува да бидат функционални до крајот на 2026 година.       Фото: АА

Туркије ги одбројува часовите до отворање на првата нуклеарна централа со што ќе започне нова ера во енергетскиот сектор на земјата. Пред пет години започна изградбата на Акују, првата нуклеарна централа на Туркије, а веќе денеска се очекува првата испорака на нуклеарно гориво во централата. ТРТ Балкан ви дава преглед на најважните факти поврзани со Акују.

Договор Туркије-Русија

Меѓудржавниот договор за изградба на оваа нуклеарна електрана беше потпишан меѓу Туркије и Русија во мај 2010 година. Церемонијата на положување камен-темелник се одржа на 3 април 2018 година, по што започна изградбата на првата единица.

Фази на изградбата

Изградбата на втората единица започна на 8 април 2020 година, а првата серија бетон за третата единица беше излеан на 10 март 2021 година. Градилиштето на електраната „Акују“ се смета за едно од најголемите градилишта од ваков вид во светот. Темелите на четвртиот реактор беа поставени на 21 мај минатата година.

Колкава моќност има?

Дизајнирана да има инсталирана моќност од 4.800 мегавати со вкупно 4 реактори ВВЕР-1200, централата ќе почне да произведува електрична енергија во 2023 година.

60 години работен век

Според најавите ќе генерира струја од 35 милијарди киловати на час годишно со што ќе обезбеди околу 10% од потрошувачката на енергија во Туркије.

Електричната енергија произведена од топлината на горивните прачки ќе биде еквивалентна на енергијата добиена од 124.500 вагони со јаглен, со што ќе се спречат вкупно 2,1 милијарда тони емисии на јаглерод во текот на 60-годишниот работен век на електраната.

Вработување на 4.000 луѓе

Работите на изградбата на тој комплекс сè уште траат. Сите единици се очекува да бидат функционални до крајот на 2026 година.

Со првата испорака на нуклеарно гориво се чека за да започне процесот на прелиминарно тестирање и подготовките за пуштање во функција на првата од вкупно четирите реакторски единици. Преостанатите три единици ќе станат оперативни во следните три години, на начин што секоја година ќе се отвора по една.

„Три блока ќе стартуваат со работа со разлика од една година, бидејќи 10 отсто од електричната енергија во нашата земја ќе се задоволува од оваа електрана“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Туркије.

Додаде дека нуклеарната централа ќе придонесе 6,5 милијарди долари за економијата на земјата.

Откако електраната ќе стане целосно оперативна, се очекува вработување на околу 4.000 луѓе.

TRT Balkan
Популарни