Тим од 35 грчки спасувачи вредно работат во провинцијата Кахраманмараш во потрага по преживеани      Фото: AA

Катастрофалните земјотреси кои мината недела ја погодија Туркије доведоа до промени во односите со соседот Грција, особено преку територијалните води кои од причина за раздор се претворија во канали на братска солидарност преку кои отпатуваа бројни спасувачки тимови во потрага по преживеаните од потресите.

Грчките волонтери итно се упатија на југоистокот на Туркије во потрага по секој преживеан затрупан под планина од урнатини, преминувајќи го морскиот пат кој беше постојан повод за поморски тензии меѓу Анкара и Атина.

Тим од 35 грчки спасувачи вредно работат во провинцијата Кахраманмараш во потрага по преживеани.

Тие пристигнаа во Кахраманмараш во неделата навечер откако поминале 30 часа патувајќи од Атина.

„Со брод тргнавме од пристаништето Митлини на островот Лезбос заедно со нашите возила за вонредни состојби“, вели Костас Цаконас еден од членовите на тимот на волонтерската група за цивилна заштита.

Во тимот има 11 жени вклучувајќи и докторка.

„Кога пристигнавме првата порака која ја добивме беше - Добредојдовте браќа“, вели Цаконас.

Групата волонтери има и куче трагач, амбулантно возило, седум теренски возила, и огромна количина опрема и апаратура за потрага и спасување. Турските власти им го олеснија преминот преку морски пат од Лезбос.

Водите помеѓу Туркије и Грција често создаваат тензични ситуации поради поморски претензии и истуркување на мигранти од Атина.

Но, трагедијата предизвикана од земјотресот кој одзеде над 31.000 жртви се чини дека ја „промени климата“ во билатералните односи.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас во неделата стана првиот дипломат од која било европска земја што допатува во солидарна посета на Туркије по катастрофата.

Тој ја посети јужната провинција Хатај, каде што беше примен од турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој рече дека Туркије и Грција не треба да чекаат нов земјотрес за да ги подобрат односите.

Грчкиот волонтер вели дека ситуацијата во провинцијата Кахраманмараш, нулта точка на двојниот земјотрес, е „страшна“, поради што многу од членовите на тимот биле во солзи.

Грчките спасувачи се дел од 9.400 волонтери од 77 држави кои пристигнаа до Туркије од минатата недела за да се вклучат во напорите за спас на преживеаните.

Трогнати од силата на Турците

Јапонски новинар кој известува од Египет е длабоко погоден од глетката на огромните разрушувања предизвикани од земјотресот.

„Многу ми е жал за трагедијата“ вели новинарот Ијори.

Тој, сепак, истакнува дека локалното население е цврсто.

„Трогнат сум од силата на луѓето. Дури и кога страдаат тие ти нудат чај, храна и други работи“, вели Ијори потсетувајќи на земјотресот кој во 2011 година ја погоди Јапонија, а кој активираше цунами кое ја уништи нуклеарната централа во Фукушима.

Наведувајќи дел од искуството на Јапонија како една од сеизмички најранливите земји, Ајори ја потенцира потребата од преземање на соодветни мерки во поглед на градежништвото и законите за градба.

„Тоа е неопходно за нашите деца, за идните генерации“, потенцира Ајори.

Докторка од Кина и нејзиниот колега се на терен и чекаат волонтерите од нивната екипа да извлечат преживеани под урнатините.

„Почуствувавме дека имаме одговорност да се приклучиме на напорите во потрага по преживеани“, вели докторката.

Таа е дел од шеснаесетчлена екипа во соработка со Организацијата на Црвен крст во Кина.

Уште 17 тимови од Кина се распоредени во хуманитарните и спасувачките акции низ погоденото подрачје.

Супа, чај и книга помеѓу урнатините

Како што тимовите за потрага и спасување непрекинато бараат преживеани, така и телата на жртвите постојано се изнесуваат од урнатините за нивните последни обреди.

Член на противпожарните сили на Кувајт вели дека со 45 негови колеги допатувале во Туркије минатата недела непосредно по земјотресот. Тие успеале да извлечат многу тела на настраданите.

Туркије постепено ќе ја привршува првата фаза во пост-земјотресните операции кон обнова. Над половина милион жители на јужната провинција се справуваат со прашина, блокирани улици и смет. Патиштата се исполнети со десетици волонтерски групи кои ги опслужуваат семејствата на жртвите, нивните роднини и пријатели, но и членовите на тимовите за потрага и спасување со храна и топли напитоци.

Купишта книга се насобираат на уличките, додека истражители од Јапонија брзо ги преминуваат планините од рушевини, правејќи слики од оштетените згради за оценка и анализа на состојбата.

Кога ќе падне мрак, редица на луѓе како пчелки се собираат околу уличките каде се уште има електрична енергија за да ги наполнат нивните мобилни телефони бидејќи од земјотресот во привремен прекин се телекомуникациите, водоснабдувањето и струјата во оштетените области.

Првиот земјотрес со јачина од 7.7 степени според Рихтеровата скала го погоди Кахраманмараш околу 4:17 часот (локално време) на 6 февруари, а вториот земјотрес со јачина од 7.6 степени следеше девет часа подоцна, предизвикувајќи голем број жртви и огромни материјални штети.

Повеќе од 13 милиони луѓе беа погодени во 10 провинции, вклучувајќи ги Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа.

Илјадници луѓе се евакуирани од регионите погодени од земјотресот, додека повеќе од 238.500 лица за пребарување и спасување во моментов работат на терен, соопшти Претседателство за управување со катастрофи и вонредни состојби на Туркије (АФАД).

Речиси 155.400 шатори се поставени за преживеаните, соопшти АФАД.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган минатиот петок изјави дека Туркије се соочува со една од најголемите катастрофи во нејзината модерна историја.

Изрази на сочувство пристигнаа од целиот свет пружајќи и солидарност на Туркије, при што многу земји испратија спасувачки тимови и хуманитарна помош.

AA
Популарни