Приведени се тројца терористи на ФЕТО што му помогнаа на Адил Оксуз, т.н. имам на ФЕТО во турските вооружени сили, да ја напушти Туркије по неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година.
Осомничените со иницијали Џ.Ј. и А.Х. се обиделе да избегаат од возило запрено поради полициска контрола во истанбулскиот кварт Бејликдузу, но биле фатени по спроведената потера.
При прегледот на регистарската табличка на возилото од кое се обиделе да избегаат, констатирано е дека возилото му припаѓа на лице со иницијали А.Б. кој потоа бил приведен во неговата резиденција.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година, а станува збор за терористичка организација предводена од Фетулах Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Туркије ја има официјално побарано од САД.
Припадниците на таа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење испити за државни вработувања, успевајќи да се инфилтрираат во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во судството на Туркије се обидоа да гонат голем број високи функционери со монтиран судски процес за наводна корупција.
Неколку години подоцна следуваше крвав обид за пуч од страна на терористите на ФЕТО, односно обид за државен удар на офицери што ФЕТО ги инфилтрираше во турската армија.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа што претставува опасност не само за Туркије туку и за секоја друга земја каде што е активна. Турските власти секојпат укажуваат на тоа. За време на обидот за државен удар во Туркије животот го загубија 253 лица, а повеќе од 2.730 беа ранети.