Првите турски вселенски патници Алпер Гезеравџи и Тува Џихангир Атасевер открија детали за нивната обука во САД како и за нивните проекти во вселенската програма, од кои еден опфаќа воспоставување на одржлив вселенски екосистем во Туркије.
Минатиот месец, на големиот технолошки настан „Текнофест 2023“ во Истанбул, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека Туркије ги селектирала Гезеравџи и Атасевер, да бидат првите државни вселенски патници, кои во вселената ќе бидат испратени во последниот квартал од годинава.
Мустафа Варанк министерот за индустрија и технологија на Туркије одблизу ја набљудува нивната обука во Вселенскиот центар Хјустон во сојузната американска држава Тексас.
Гезеравџи (42) кој е пилот на турските воздухопловни сили, вели дека случајно аплицирал за вселенската програма и како што вели дека за најавата на турскиот претседател дознал додека се враќал од полноќен лет, односно дека во вселената ќе биде испратен првиот Турчин.
„Следното утро, откако повторно видов делови со иста содржина во вестите, ги испитав деталните критериуми на Турската вселенска агенција на нејзината веб-страница“, вели Гезеравџи и бидејќи сметал дека ги исполнува критериумите одлучил да се пријави на програмата.
Поради доверливост, со никого не ја споделил добрата вест дека е избран за задачата, која ја добил од Ахмет Јозгатгил потпретседателот на Советот за научнотехнолошки истражувања на Туркије (ТУБИТАК).
Гезеравџи рече дека обуката продолжува на станици во различни држави.
За првпат во историјата
Посочувајќи дека вселенската мисија е закажана за последниот квартал годинава, Гезерваџи смета дека подетална временска рамка ќе биде позната наскоро.
„Пред нас имаме период од шест месеци, но во процесот има многу едукативни материјали, па така периодот за обука брзо ќе ни помине“, дополнува тој.
Вселенската мисија ќе биде лансирана од Вселенскиот центар Кенеди во Флорида и во вселената ќе помине 14 дена, вршејќи експерименти кои ќе ги селектира ТУБИТАК за време на обуката.
„За првпат во нашата историја“, посочи Гезерваџи од возбуда дека е избран да биде еден од првите турски вселенски патници.
Тој ја поздрави волјата на Туркије како чекор „кој ќе ја зголеми самодовербата на генерациите во иднина чии соништа досега беа ограничените на летови со авиони на небото“ и дополни дека вселенската програма „ќе го помести прагот на соништата за летови преку видливото небо“.
„Моите очекувања се дека овој прв чекор што ќе го направиме ќе биде почетен чекор во нашата историја со кој ќе се гордееме отсега па натаму и дека нашата земја ќе го заземе заслуженото место, не само како учесник туку и како глас во поголеми вселенски проекти во наредниот период“, додаде тој.
Тува Џихангир Атасевер, резервниот кандидат за турската вселенска програма, кој работи како системски инженер за вселенски системи за лансирање во турскиот производител на ракети Рокетсан, рече дека за вселенско патување првпат размислувал во 2014 година.
„Мојата крајна цел и желба е да одам на Месечината. Тоа е еден од рационалните чекори за да се биде дел од мисијата во ниската земјина орбита, што е почетна „станица“ за патувањето до Месечината“, вели Атасевер.
Одржлив вселенски екосистем
Атасевер веднаш решил да се пријави откако Националната вселенска програма објавила дека ќе биде избран првиот турски вселенски патник.
„Процесот на аплицирање беше доста долг. Поминавме низ исклучително интензивни, тешки тестови и фази на елиминација“, рече тој, додавајќи дека целиот процес траел околу 10 месеци. Атасевер рече дека веста за неговиот избор ја добил од Јозгатгил.
„На почетокот ми беше потребно време за целосно да разберам што навистина се случи по разговорот со него. Бев многу возбуден, се разбира, бев многу горд. И радост и гордост е да се биде дел од една ваква историска мисија“.
„Во моментов се обидуваме да ги совладаме техничките информации, поврзаните потсистеми и теоретските материјали од сценаријата за итни случаи на возилото во кое ќе се лансираме во вселената “, рече тој.
Тој додаде дека нивната практична обука ќе започне во наредните месеци.
„Ќе бидеме дел од многу позабавен и повозбудлив тренинг во наредните месеци. Ќе патуваме во Германија, Јапонија и Алабама, САД каде ќе добиеме обука за запознавање со потсистемите и различните модули на Меѓународната вселенска станица“.
„Ќе имаме обука за запознавање со модулот Колумбо на Европската вселенска агенција и Кибо модулот на јапонската вселенска агенција. Нè очекува многу повозбудливо, поинтензивно, предизвикувачко, но авантуристичко патување“, рече тој.
Атасевер вели дека во рамките на турската вселенска и научна мисија ќе бидат извршени два лета со екипаж , од кои едниот е мисија до Меѓународната вселенска станица, а другиот е суборбитален лет.
По неговата вселенска мисија, Атасевер планира да работи за Туркије и да воспостави одржлив вселенски екосистем и индустрија.