Речиси 6.500 бебиња се родени во јужна Туркије откако двата разорни земјотреси го потресоа регионот минатата недела, соопшти денес турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа.
„Вкупно 6.447 бебиња се родија во регионот погоден од земјотресот од првиот ден на катастрофата. Секое родено дете е надеж“, рече Коџа во Координативниот центар на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) во јужната област Хатај.
Посакувајќи им убав и долг живот на бебињата, Коџа рече дека „непречено им се пружаат потребните здравствени услуги на бебињата и на нивните мајки“.
Во однос на прегледите, министерот за здравство рече дека во регионот погоден од земјотресот се извршени 10.489 медицински опсервации на бремени жени, а бројот на постпородилни следења исто така е над 10.000.
Тој истакна дека биле направени над 10.000 неонатални земања крв за преглед, над 5.100 бебиња биле снимени за спинална мускулна атрофија, и биле дадени 154.212 дози вакцини во рамките на програмата за имунизација на децата.
Освен тоа, во однос на останатите здравствени услуги во подрачјата погодени од земјотресот, Коџа рече: „Од денеска, бројот на хоспитализирани пациенти поради земјотресите во 10 области на катастрофата изнесува 6.108. Вкупниот број на пациенти е 21.859. Вкупниот број на отпуштени пациенти е над 13.500.“
„Повеќе од 51.150 пациенти и повредени лица се префрлени од подрачјето погодено од земјотресот во болниците во другите градови“, рече тој. „Исто така, формирани се 114 единици за итни случаи и 25 теренски болници во областа на катастрофата“, посочи турскиот министер.
Според најновите податоци, најмалку 40.642 луѓе загинаа во двата силни земјотреси што ја погодија јужна Туркије на 6 февруари.
Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени со епицентар во турската област Кахраманмараш погодија и 11 други јужни турски области - Адана, Адијаман, Дијарбакир, Хатај, Газиантеп, Малатија, Килис, Османије, Елазиг и Шанлиурфа. Над 13 милиони луѓе се погодени од разорните земјотреси.
Тие беа почувствувани и во други земји во регионот, а најкатастрофално во Сирија, каде што загинаа најмалку 5.840 луѓе.