Обидот за државен удар беше спречен за 21 час / Фото: AA

Поминаа седум години од отпорот на 15 јули 2016 година, кога турскиот народ излезе пред бомби и куршуми за да го спречи крвавиот обид за државен удар на терористичката организација ФЕТО.

Инфилтрирана во турската држава од нејзиното основање, ФЕТО се обиде да изврши државен удар ноќта на 15 јули, разоткривајќи се со незаконските дејствија што ги вршеше под превезот на верата.

Откако Партијата на правдата и развојот (АК) дојде на власт со 49 отсто од гласовите на општите избори на 1 ноември 2015 година, ФЕТО беше потресена од одлуката на обвинителите во западната провинција Измир за апсење војници поврзани со терористичката група.

Терористичката група одлучи да го изврши пучот откако сфати дека нејзините шеми нема да бидат доволни за да се смени потегот, вклучително и со повик за сослушување на Хакан Фидан тогашниот потсекретар на Националната разузнавачка организација (МИТ) и други високи функционери преку рација спроведена од 17 до 25 декември 2013 година, за приведување истакнати владини функционери и запирање на камионите на МИТ во близина на сириската граница во 2014 година.

Снимениот говор на Фетула Ѓулен водачот на ФЕТО, со седиште во САД, на 19 март 2016 година, беше идентификуван како повик за пуч.

По наредбата на Ѓулен, цивилните и воените членови на терористичката група тргнаа во акција откако претходно ги завршиле подготовките низ државата.

Булент Ајдин, телохранителот на тогашниот командант на копнените сили Салих Зеки Чолак, беше убиен од пучистите во Главниот штаб. Ајдин е евидентиран како првиот убиен во обидот за пуч.

Првата истрага за обидот за државен удар

Ф-16 авиони полетаа од воздухопловната база Акинџи - користена како команден центар за време на обидот за државен удар - и почнаа да летаат на мала височина над главниот град Анкара.

Првите извештаи за движење на силите во базата се појавија во 22.28 часот по локално време. Телевизиските канали ги покриваа случувањата како ударни вести, известувајќи дека војниците го блокирале мостовите Босфор и Фатих Султан Мехмет, кои се протегаат низ Истанбулскиот теснец.

Тогашниот премиер Бинали Јилдирим, во 23.02 часот во телефонско обраќање на приватната телевизија НТВ истакна: „Владата, која го застапува народот е под контрола. Оние кои го извршија овој обид за државен удар, оние кои се вклучија во ова лудило, оние кои се вклучени во оваа незаконска акција ќе ја платат најтешката цена“.

Главното јавно обвинителство во Анкара започна истрага за обидот за државен удар во 23.05 часот.

Гранатирани клучните институции

Пучистите го нападнаа Одделот за воздухопловство на Генералната дирекција за безбедност во областа Ѓолбаши во Анкара, по што следеше напад на Одделот за специјални операции на полицијата.

Дополнително, хеликоптери под контрола на пучистите го гаѓаа комплексот на турската Разузнавачка служба (МИТ) во областа Јенимахале во главниот град.

Во зградата на јавниот радиодифузен сервис ТРТ (Турска радио и телевизија), војници на пучистите присилија водителка да ја прочита изјавата за државен удар во живо.

Се раѓа искрата на отпорот

Претседателот Реџеп Таип Ердоган на приватниот информативен канал Си-Ен-Ен Турк (CNN Turk) во 00:24 часот одржа историски говор, менувајќи го текот на обидот за државен удар и го повика турскиот народ да излезе на улиците за да ги запре пучистите.

За време на отпорот против пучистите пред Генералниот штаб на жандармеријата, стрелбата од хеликоптер резултираше со смрт на девет лица и десетици повредени.

Во 00.56 часот, двајца пилоти пучисти употребија Ф-16 авиони за да го таргетираат полицискиот штаб во Анкара, по што следеше втор бомбашки напад, околу 10 минути подоцна на истата локација.

Убиен командантот на пучистите

Авионот на командантот на групата за специјални сили бригадниот генерал Семих Терзи од Дијарбакир слета во Анкара во воздухопловната база Етимесгут во 01.13 часот.

Дознавајќи дека Терзи, командант на првата бригада на специјалните сили во југоисточната област Ширнак, бил назначен од пучистите да ја преземе неговата единица, генерал-мајор Зекаи Аксакали, тогашниот командант на командата на специјалните сили, не чекал долго за телефонски да му нареди на неговата десна рака Омер Халисдемир да го убие Терзи и да го спречи нивниот план.

Кога Терзи се обидел да ја преземе контролата, Халисдемир го застрелал и го убил, но потоа бил застрелан од војниците приврзаници ФЕТО, кои го придружувале генералот задолжен за извршување на државниот удар.

Халисдемир оттогаш стана светла точка на отпорот против поразениот пуч.

Бомбардирање на Парламентот

Триесетина цивили кои пружаа отпор на обидот за државен удар беа убиени пред седиштето на Генералштабот во Анкара.

Прибегнувајќи кон сите средства да ја скршат нивната волја, пучистите за возврат го гаѓаа турскиот Ппарламент, при што пилотите поврзани со ФЕТО ја бомбардираа зградата, при што беа повредени 32 лица.

ТРТ беше ослободена од пучистите во 03 часот по полноќ, враќајќи се на нормално емитување бидејќи пучистите ѝ беа предадени на полицијата.

Пилот, член на ФЕТО, исто така, четири пати во периодот од 03.14 до 03.19 часот ги бомбардираше објектите на турскиот сателитски оператор Турксат, во обид да го попречи телевизискиот пренос.

Пучистите кои ја окупираа контролната кула на аеродромот Ататурк во Истанбул подоцна беа неутрализирани од полициските специјални сили, а набргу потоа авионот со претседателот Ердоган слета на пистата. Илјадници луѓе го пречекаа Ердоган на аеродромот.

По развојот на настаните во Истанбул, парламентот повторно се најде под напад на пилот на ФЕТО, кој по втор пат го бомбардираше законодавниот дом во 03.24 часот и 03.25 часот со Ф-16 млазен авион.

Во 04 часот наутро, главниот јавен обвинител на Анкара издаде налози за апсење на судски службеници поврзани со ФЕТО и други членови на терористичката група вклучени во обидот за државен удар, вклучително и т.н. група „Совет за домашен мир“ кој требаше да ја замени владата доколку обидот за државен удар не беше поразен.

Крајот на пучистите

Во 06.19 часот, друг борбен пилот од ФЕТО фрли две бомби на патот пред претседателскиот комплекс во Анкара. Во нападот загинаа 15 лица, а седум беа повредени.

Тургут Аслан тогашниот шеф на Одделот за борба против тероризмот, кој беше задржан во Генералната команда на жандармеријата, и неговиот телохранител Хасан Ѓулхан, со врзани раце и очи, беа изнесени од зградата и застрелани во глава од полковник пучист. Аслан бил тешко повреден, додека Ѓулхан починал.

Премиерот Јилдирим го овласти генерал-полковник Зија Кемал Кадиоглу да го собори авионот управуван од пучистите, при што Кадиоглу им ги пренесе наредбите на пилотите со седиште во источниот и јужниот дел на земјата.

Пучистите на Босфорскиот Мост се предадоа кога сфатија дека нивниот обид да ја преземат власта не успеа.

Во 8.26 часот, тогашниот началник на Генералштабот Хулуси Акар, кој го држеле пучистите, со хеликоптер бил однесен од базата Акинџи во палатата Чанкаја во Анкара.

По наредба на претседателот Ердоган и тогашниот министер за национална одбрана Фикри Ишик, главната писта на базата Акинџи беше нападната за да се спречи полетувањето на авионите на пучистите.

Во 12.57 часот Јилдирим, Ишик и Акар на прес-конференција во палатата Чанкаја објавија дека обидот за државен удар е поразен.

Така, благодарение на раководството на претседателот Ердоган, напорите на турскиот народ и безбедносните сили, обидот за државен удар беше совладан за околу 21 час, при што записите покажуваат дека околу 9.000 воени лица, 35 авиони, 37 хеликоптери, 74 тенкови, 246 оклопни возила, и речиси 4.000 парчиња рачно оружје биле употребени од пучистите.

AA
Популарни