Новоименуваниот министер за трезор и финансии на Туркије, Мехмет Шимшек, изјави дека без губење време, ќе започне среднорочна студиска програма, а воспоставувањето фискална дисциплина и осигурувањето на стабилноста на цените за одржлив висок раст ќе бидат главни цели.
Во зградата на Министерството свечено е спроведено примопредавањето на должноста, во која Шимшек ја презеде должноста од досегашниот министер Нуретин Небати.
Шимшек во своето обраќање истакна дека главна цел на Владата ќе биде зголемување на општествената благосостојба.
„Транспарентност, доследност, предвидливост и усогласеност со меѓународните норми се нашите основни начела во зголемувањето на општествената благосостојба. Туркије нема друг избор, освен да се врати на рационална основа. Предвидлива турска економија заснована врз правила ќе биде клучна за постигнување на посакуваниот просперитет. Ќе дадеме приоритет на макрофинансиската стабилност со јакнење на нашиот институционален квалитет и капацитет, во време на сѐ поголем глобален предизвик и геополитички тензии“, истакна Шимшек и додаде: „Ќе ги започнеме нашите среднорочни студиски програми без губење време.“
Според Шимшек, воспоставувањето фискална дисциплина и осигурувањето на стабилноста на цените за одржлив висок раст ќе бидат главите цели. „За нашата земја од витално значење е среднорочно повторно да ја намалиме инфлацијата на едноцифрена бројка, зголемување на предвидливоста во сите области и забрзување на структурната трансформација која ќе го намали дефицитот на тековната сметка. Наша главна политика ќе биде поддршка на Централната банка во борбата со инфлацијата низ фискална политика и структурни реформи што треба да се спроведат“, објасни Шимшек.
Истакнувајќи ја важноста на секој чекор што ќе се преземе и секоја одлука што ќе се донесе, во смисла на зголемувањето на довербата во Туркије и јакнењето на стабилноста, Шимшек му се заблагодари на својот претходник за вложениот труд.