Спасувач од Соединетите Американски Држави кој учествувал во хуманитарните мисии по катаклизмичниот земјотрес од 1999 година повторно е во Туркије откако земјата беше погодена од масовни земјотреси минатата недела.
Градежниот инженер Дин Тилс е дел од тимот составен од 160 членови од САД. Тој помага во напорите за извлекување на заглавените под урнатините во турската провинција Адијаман, една од најтешко погодените во земјата.
Искусниот спасувач заедно со неговото куче трагач Иван работи на локација каде се срушила зграда во која се претпоставува дека околу 40 луѓе се наоѓаат под урнатините.
„Жалам што морав повторно да дојдам во вакви ужасни околности, но дефинитивно ситуацијата е слична со тоа што се случи во Измит во 1999 година, обемот на уништување е многу сличен“, вели Тилс.
„Постарите згради се чини дека се меѓу најмногу оштетените. Тука има многу нови градби кои начелно се во ред, но постарите се меѓу тие со најголема штета“, додава тој.
„Да се биде во можност да им се помогне на луѓето е многу важно. Исто така може да видите низ што се луѓето поминуваат и тоа е добра животна лекција. Ние само се надеваме дека ќе спасиме што е можно повеќе луѓе“, изјави Тилс.
Потресите со јачина од 7.6 и 7.7 степени според Рихтеровата скала беа со епицентар во Кахраманмараш и погодија уште девет провинции - Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа. Тие исто така ги погодија соседните земји и предизвикаа големи разурнувања во северна Сирија.
Според последните официјални податоци, во Туркије загинаа повеќе од 31.900 луѓе, додека во Сирија бројот на загинати надмина 3.600.