Денес низ Република Туркије на пригодни начини се одбележува Денот на сеќавање на мачениците и 109-годишнината од поморската победа на Чанаккале.
Во Европа е позната и како битката кај Галиполи, а тоа е една од најкрвавите и најжестоките битки во Првата светска војна, но, според многу показатели, воопшто во историјата.
Поморската битка се случила помеѓу 3 ноември 1914 година и 18 март 1915 година, а копнената битка се случила кај Чанаккале од 25 април 1915 година до 9 јануари 1916 година. Тоа се битките што го заземаат најзначајното место во историјата на Туркије и пошироко.
„Победата во Чанаккале беше величествена епска победа што ги фрли на колена најмодерните армии од тоа време и во историјата ја запиша изреката 'Чанаккале е непробојно'“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на социјалната мрежа X и додаде:
„Верата и решителноста на нашите херојски војници и единствениот успех постигнат во Чанаккале со жртвите на нашата нација, исто така, го инспирираа нашиот отпор што донесе победа во нашата војна за независност.“
По тој повод Ердоган изрази милост и им оддаде почит на сите маченици од Чанаккале.
Денот на мачениците и годишнината од поморската битка кај Чанаккале денес се одбележани во повеќето турски градови, каде што делегации положија венци на спомен-обележјата. Венци беа положени и на аниткабирот, мавзолејот на основачот и прв претседател на Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк.
Турскиот претседател Ердоган денес во Чанаккале ќе присуствува на програмата за Денот на сеќавањето на мачениците и на 109-годишнината од поморската победа во Чанаккале.
Во текот на денот тој ќе присуствува и на церемонијата на отворање на републичката кула на Ататурк во Анкара.