Ататурк беше прв претседател на Републиката до 10 ноември 1938 година, кога почина на 57-годишна возраст  / Photo: AA

Република Туркије денес со низа специјални настани го одбележува Денот на сеќавањето на Ататурк, односно 85-годишнината од неговата смрт, а централната манифестација се одржа во комплексот Аниткабир, мавзолејот на големиот војсководец, основач и прв претседател на Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, јавува Анадолу.

На комеморацијата во Аниткабир присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ја предводеше државната делегација во положувањето цвеќе и интонирањето на националната химна со знамиња на половина копје.

„На 85-годишнината од твоето заминување, драг Ататурк, уште еднаш со почит се сеќаваме на твојата почитувана личност, на твоите соборци, на херојските маченици што паднаа за нашата нација и на ветераните што ја пролеаја својата крв за исти идеали“, напиша претседателот Реџеп Таип Ердоган во спомен-книгата на Аниткабир, мавзолејот на Ататурк во главниот град Анкара.

„Додека со голема гордост го оставаме зад себе првиот век (на Републиката) и тргнуваме во вториот век со визијата на 'Столетието на Туркије', ние денес работиме со страст, исто како што работевме во изминативе 21 година, да ја направиме нашата Република вечна и победничка“, рече тој, мислејќи на 21-годишното владеење на Партијата за правда и развој (АК).

Тој додаде дека продолжуваат да ја воздигнуваат Република Туркије, која е надеж на угнетените, поддршка за сирачињата и гордост на нејзините граѓани во секоја област.

„Благословена нека е твојата душа“, напиша тој.

Пред да ја остави својата писмена порака, Ердоган, заедно со делегацијата, положи венец во мавзолејот и се придружи на двоминутното молчење за покојниот лидер по што беше изведена турската национална химна.

Директорот за комуникации при претседателството на Туркије, Фахретин Алтун, исто така, сподели порака на социјалната мрежа X за одбележувањето на 85-годишнината од смртта на Ататурк.

„Осумдесет и петгодишнина од смртта на врховниот командант на националната борба, основачот на нашата Република, Гази Мустафа Кемал Ататурк. Со милост и благодарност му оддавам почит. Изразувам благодарност до сите наши херои што ги направија овие територии наша татковина.“

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, исто така, со изразување почит го одбележа споменот на Ататурк на 85-годишнината од неговата смрт.

„Ја повторувам нашата решеност да ги зајакнеме суверенитетот и независноста на нашата земја преку нашата национална надворешна политика. Со милост и благодарност оддавам почит на сите херои од нашата ослободителна војна, особено на Гази Мустафа Кемал“, напиша тој на социјалната мрежа Х.

Како што е вообичаено, секој 10 ноември во Туркије секојдневниот живот запира во 9:05 часот по локално време, со сирени што се пуштаат за да го одбележат точниот момент на смртта на Ататурк на 57-годишна возраст, а милиони луѓе низ земјата оддадоа почит со двеминутно молчење.

Војната за турската независност започна на 19 мај 1919 година, кога е испукан првиот куршум против окупаторските грчки сили. Победите на бојното поле доведоа до турска независност, што кулминираше со основање на Република Туркије на 29 октомври 1923 година.

Ататурк беше прв претседател на Републиката до 10 ноември 1938 година, кога почина во Истанбул на 57-годишна возраст од цироза.

Турските граѓани традиционално го посетуваат мавзолејот на Ататурк секој 10 ноември за да му оддадат почит на основачот на нацијата.

AA
Популарни