Туркије денеска ја одбележува втората годишнина од разорните земјотреси што го погодија јужниот дел на земјата на 6 февруари 2023 година, оплакувајќи ги жртвите од трагедијата што однесе 53.537 животи, а повеќе од 107.000 беа повредени.
Жителите на градовите погодени од земјотресите се собраа на градските плоштади во четвртокот во 4:17 часот, симболично во моментот кога се случи првиот земјотрес, за да со едноминутно молчење им оддадат почит на жртвите.
Во повеќе градови се одржаа тивки маршеви во спомен на жртвите.
Во Пазарџик, областа и епицентарот на земјотресот во Кахраманмарас, жителите се собраа пред Саат-кулата, чии стрелки останаа запрени во 4:17 часот.
Во Хатај, една од најтешко погодените провинции, претставниците на трите аврамски религии одржаа молитви како дел од комеморативната церемонија.
Црвените каранфили подоцна беа фрлени во реката Оронтес, позната како реката Аси во Туркије, во спомен на оние кои ги загубија животите.
На 6 февруари 2023 година, земјотреси со магнитуда 7,7 и 7,6 погодија 11 турски провинции- Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.
Повеќе од 14 милиони луѓе во Туркије беа погодени од земјотресите, како и многу во северна Сирија.
Туркије ја продолжува реконструкцијата на погодените региони
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во четвртокот сподели порака на платформата Х, во која се сеќава на 53.537 жртви од земјотресот и се моли за Божја милост за нивните души.
„Од првиот ден се обединивме како земја и народ, велејќи „едно сме“ и никогаш не се поколебавме во поддршката за регионите погодени од земјотресот“, рече тој.
Тој вети дека ќе продолжи со реконструкцијата, нагласувајќи дека работата ќе оди напред со „непоколеблива решителност, напорна работа и издржливост“ додека секој граѓанин нема безбеден дом.
Ердоган денеска ќе присуствува на меморијалната програма што ќе се одржи во градот Адијаман.