Десет лица загинаа, а 59 се повредени во тешка сообраќајна несреќа во која учествувале седум возила автопатот Северна Мармара во провинцијата Сакарија во Туркије.
Седум возила, меѓу кои три автобуси и еден камион, учествуваа во верижен судир на дел од автопатот во правец кон Истанбул.
На местото на несреќата пристигнале бројни медицински екипи, противпожарни бригади и припадници на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Поради несреќата во прекин е сообраќајот во правец на Истанбул.
Екипите почнаа да ги отстрануваат возилата од автопатот во област каде имаше густа магла.
Сообраќајот е пренасочен кон автопатот Анадолија, а сообраќајот се одвива нормално по автопатот Северна Мармара во правец кон Анкара.
Турскиот министер за здравство Фахретин Коџа на социјалните мрежи потврди дека десет лица загинале на местото на несреќата, а 59 се повредени, од кои осум потешко.
Министерот за правда Јилмаз Тунч изјави дека е покрената истрага за тешката сообраќајна несреќа.
Гувернерот на Сакарија, Јасар Карадениз, го посети местото на несреќата и за новинарите изјави дека во верижниот судир учествувале седум возила.
„Се проценува дека до несреќата дошло кога автомобилот удрил во камионот. Потоа во него удриле други возила“, изјави Карадениз.